
Граѓаните во земјава може паралелно да се тестираат и за грип и за Ковид-19, бидејќи Институтот за јавно здравје располага со потребните реагенси, изјави попладнево д-р Драган Кочински, епидемиолог и раководител на Одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје.
„Опремени сме со реагенси и луѓето може да се тестираат паралелно и за грип и за Ковид-19“, истакна Кочински, додавајќи дека е рано да се каже каква ќе биде состојбата со грипот оваа сезона.
„Сè уште е рано да кажуваме како ќе се движи сезоната бидејќи ова е сепак почеток, четврта недела откако го следиме грипот – на групни пријави за грип. Пикот на самиот грип е некаде кон крајот на јануари, почетокот до средината на месец февруари. Така што во текот на сезоната ќе расте бројот на заболени“, рече Кочински.
Тој потсети дека вакцината против сезонски грип е најефективната мерка за превенција.
„Во пунктот на Институтот за јавно здравје каде се вакцинираат здравствените работници од Скопје има околу 750 вакцинирани здравствени работници, тука во пунктот и на терен, каде што оди нашиот тим,“ информираше Кочински.



