
Центар се подготвува да добие нов симбол што ќе ја претставува неговата енергија, култура и иднина – Плоштад Феникс, замислен како плоштад на заедништвото, инспирацијата и животот. Проектот, кој го најави кандидатот за градоначалник Мирослав Лабудовиќ, има за цел да создаде ново урбано и културно јадро што ќе ги поврзе луѓето и ќе ја врати гордоста на живеењето во Центар.
„Време е Центар да добие симбол кој ќе ги обедини сите. Го најавувам проектот Феникс – Плоштад на заедништвото! Нов, модерен и зелен простор што ќе биде симбол на новата надеж и иднината. Плоштад кој ќе ја раскаже приказната за Центар и центарци.“ – изјави Лабудовиќ.
Новиот плоштад е осмислен како современ јавен простор каде ќе се среќаваат културата, уметноста и секојдневниот живот. Тој ќе биде место каде луѓето ќе се собираат, ќе слушаат музика, ќе гледаат уметнички изложби, ќе се дружат и ќе го чувствуваат духот на заедништвото што отсекогаш ја красело оваа општина.
Проектот „Феникс“ ќе никне во склоп на новата општинска зграда која ќе биде пример за еколошка, енергетски ефикасна и современа архитектура. Просторот ќе опфати подземен паркинг, уметничка галерија, прв детски креативен центар и бројни јавни содржини наменети за граѓаните, со цел Центар повторно да стане вистинско место за живеење, создавање и уживање.
„Феникс нема да биде само нов плоштад – тој ќе биде симбол на препородот на Центар. Со него, градиме место каде што културата, уметноста и заедништвото ќе живеат секој ден. Центар повторно ќе дише, ќе биде жив, модерен и горд.“ – додаде Лабудовиќ.



