
Додека јавноста ја препознава Јана Белчева како активистка против урбанистичкиот хаос и бетонизацијата на централното градско подрачје, информации кои ги објавија дел од медиумите отвораат прашања за нејзиниот интегритет и потенцијален конфликт на интереси поврзан со членови на нејзиното семејство.
Белчева, која беше претседавач и советничка во општина Центар, а од неделата и советничка во Град Скопје, се позиционираше како борец за зачувување на зеленилото и хуманото живеење во урбаниот простор. Таа е основач на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ која и на овие избори настапи со своја советничка листа во Општина Центар. Но, додека јавно настапува против изградба на згради во центарот, токму во тој дел од градот се гради нова станбена зграда – поврзана со нејзиното најтесно семејство.
Според податоци до кои дојдоа медиумите, инвеститор на објектот кој се гради во близина на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, на улицата „Коста Шахов“ бр. 8, е фирмата ДТУ Гибрис Холдинг ДООЕЛ Скопје, чиј сопственик е сопругот на сестрата на Белчева. Одобрението за градба е издадено на 1 октомври 2021 година – само две недели пред локалните избори – во мандатот на тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ, период во кој Белчева беше и претседателка на Советот на Општина Центар.

Дополнителни сомнежи за конфликт на интереси се поврзани и со парцела во Долно Водно, впишана на мајката на Јана Белчева. Во 2012 година парцелата е регистрирана како градежно земјиште со дозволена површина за градба од 535 метри квадратни. Само две години подоцна, со одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-4414/4 од 18 јули 2014 година, дозволената површина е речиси удвоена – на 988 метри квадратни.

Контроверзија предизвикува начинот на кој е донесена оваа одлука – со 11 гласови „за“ во Советот, што не е во согласност со законската одредба која бара мнозинство од најмалку 12 гласови во совет составен од 23 членови. На ваквиот развој остро реагираше тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, кој го оспори донесениот ДУП пред Уставниот суд. Во меѓувреме, парцелата е продадена, а на неа веќе е изграден објект.

Во 2017 година, како претседателка на Советот на Центар, Белчева ја иницираше одлуката за мораториум за нови градби, која подоцна беше укината од Уставниот суд како неуставна. Интересно е што во тој мораториум не беше опфатен токму ДУП Ј07 – оној под кој припаѓа семејната парцела на Водно.
Јана Белчева е познат активист во центар и често протестираше и се појавуваше во јавноста против одредени градби. Таа беше дел и од иницијативи за блокирање на изградбата на комплексот „Гранд“ спроти „Холидеј Ин“, што предизвика реакции кај жителите на Ново Маало, кои сметаа дека таа селективно штити делови од градот каде има личен интерес.
Скандалот ја става под лупа улогата на Јана Белчева како активист и советничка, и отвора суштински прашања – колку се искрени заложбите за поинакво урбанистичко планирање, кога личниот имот и интерес на нејзиното семејство очигледно биле изземени од тие борби?



