
Со ставање на значката со амблемот на Струмица, досегашниот градоначалник Костадин Костадинов денеска му ја предаде функцијата на новоизбраниот Петар Јанков, со што тој и официјално ја презеде градоначалничката должност.
Претпладнево, Општинската изборна комисија му го врачи уверението од изборната трка, со што започна и формалниот процес на примопредавање на функцијата.
Јанков најави дека ќе се посвети на чесно и одговорно водење на градот.
„Овие денови се планирани средби со раководителите и со директорите на јавните претпријатија, за да поразговараме во каква ситуација сме и во кој правец ќе се движиме понатаму“, изјави новиот градоначалник.
Костадинов, кој ја заврши својата функција, му посака успех на наследникот.
„Денеска во мое лично име сакам да честитам на мојот политички наследник, Петар Јанков, и да му посакам плоден и успешен мандат, многу храброст, истрајност и, најважно од сè, трпение и автономност во одлуките кои, верувам, ќе бидат за доброто на сите во нашата Струмица“, рече Костадинов.
Петар Јанков, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, победи во првиот круг од локалните избори со повеќе од 5.000 гласови разлика пред кандидатот на СДСМ, Марјан Даскаловски. Јанков освои 15.071 глас, а Даскаловски 9.732. Со ова, по две децении, ВМРО-ДПМНЕ повторно има свој градоначалник и мнозинство во Советот на Општина Струмица.



