Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет, затворени 14 приватни научни институти и еден приватен факултет

20251027123741 big 730x400 69.webp.webp
Dik 300x250 mk

Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина, рече министерката за образование Весна Јаневска во обраќањето на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, што го организира Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Јаневска посочи дека оваа Владата е свесна за итноста од реформирање на највисокиот степен на образование и затоа презема конкретни мерки и активности насочени кон системски промени.


„Активно работиме на подготовка на нови законски решенија за високото образование и за научноистражувачката дејност. Законите, сами по себе, не може да однесат универзитет повисоко на Шангајската листа, но ако академската заедница првин се вклучи во нивното носење, а потоа и ги почитува, ќе може да изградиме поквалитетно високо образование“, нагласи министерката Јаневска.

Во обраќањето Јаневска укажа на конкретните чекори што ги презема Министерството за образование и наука за унапредување на научната продуктивност и интеграција на македонската академска заедница во глобалниот истражувачки простор. Научните бази Web of science и Scopus од оваа година се бесплатно достапни за професорите, научниците и за студентите на јавните универзитети. Зголемен е буџетот за наука од 380 на 680 милиони денари и годинава, првпат по повеќе години, преку три повици беа доделени 374 милиони денари за научноистражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и на бизнис-заедницата. Академскиот кадар е високо почитуван, а платите на универзитетските професори од јануари се зголемени за 14 %.

„Експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет. Спроведовме сериозни контроли на високообразовните и на научните установи, а резултатот е: затворени 14 приватни научни институти и 1 приватен факултет поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по дадени забелешки на просветната инспекција и МОН. Ова не е кампања, туку ќе биде континуирана активност“, прецизира министерката Јаневска додавајќи дека ќе следува реформа на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и формирање на првиот државен научно-технолошки парк во Македонија.

„Работиме, но Владата и Министерството не може сами да изградат образовен систем што ќе биде квалитетен, препознатлив и посакуван. Неопходни се решителност и иновативност што ќе ги покажат универзитетите, а ние ќе им бидеме силен поддржувач и партнер“, рече Јаневска упатувајќи повик до сите универзитети да ги забрзаат реформите, почнувајќи од модернизирање на студиските програми, поврзување со други универзитети, развивање заеднички програми и двојни дипломи, со цел студентите да добијат глобални перспективи.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ врши притисоци и уцени, се пожали Филипче

Обвинителство со детали за апсењето на директорот на „Комунална хигиена“

Мицкоски: Филипче со контрадикторни изјави, ако е краток периодот да се цени неговата работа во СДСМ тогаш е краток и за да се цени работата на Владата