
Почина Диме Поповски, филмски уметник, фотограф, режисер, и пејач на забавна и народна музика, објави СДК.мк.
Поповски важи за еден од пејачите кои со својот глас остави силен печат во македонската забавна музика во 1960-тите и 1970-тите години. Според многумина, тој е најдобриот машки глас на македонската забавна музика во 20. век.
Негови славни песни се „Лени“, „Ноќеска шумеа брезите“, „Планино, моја рудино“, „Девојко“, „Мојот дом“, „Убавино, насмевни се“ и „Запеј ми, Славче“, ,,Очи”.
Како пејач, по децении пауза, повторно се врати само во една прилика, за рекламата за ,,Скопско” на Милчо Манчевски во 2015, каде одново ја отпеа ,,Девојко”. Неговиот глас може да се чуе и во филмовите ,,Врба” и ,,Кајмак” на Манчевски.
Како филмски уметник, работеше на снимањето на филмовите „Прашина“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Тетовирање“ на Столе Попов.
Најголемиот дел од работниот век го помина како режисер на документарни емисии во Македонската телевизија каде и се пензионираше.



