
Соопштение за јавност на СДСМ:
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на новинарско прашање за резултатите од изборите даде анализа на раезултатите и промените што ќе следуваат по изборите.
„Јас лани ја затекнав партијата во навистина тешка и лоша состојба, имено после еден пораз со разлика од 300.000 гласови. И во текот на изминатата година и пол интензивно работев во сите општински организации, со илјадници наши членови – директни контакти, средби и состаноци”, изјави Филипче.
Тој посочи дека има добар дел општини каде што веќе се избрани градоначалници од СДСМ, како и дополнителни 16–17 општини каде партијата влегува во втор круг. Таму, како што нагласи, е постигнато значајно зголемување на бројот на гласови во однос на ланските избори.
„Тоа се општински организации во кои бројот на гласови, кога ги споредуваме со ланските избори, е значајно зголемен некаде 40-50%, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект. Од друга страна, има општини каде што тоа не се случи – тука мислам на скопските општини.” – рече Филипче.
Филипче рече дека овие избори се добар показател за тоа како треба да се работи во иднина и какви промени треба да се направат.
„Овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Затоа што очигледно е дека е потребна – особено во тие општини каде што не го постигнавме посакуваниот резултат – да продолжиме со интензивна работа”, изјави Филипче.
Во тој контекст, тој најави и политички и кадровски промени во раководството по завршувањето на изборниот процес.
„Дозволете да најавам политички и кадровски промени во раководството, нели, после изборите – за што ќе бидете известени”, заклучи Филипче.



