Утрински Весник
Македонија

За Мицкоски предвремените избори се непотребни, но на oпозицијата и’ порача: „Внимавајте што посакувате, може ќе ви се исполни“

Den vmro 1.jpg
Dik 300x250 mk

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба се осврна на историјата и празникот, но и уставните измени, локалните избори, опозицијата, соживотот.

Тој рече дека 23 октомври не е само датум, туку завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. Мицкоски истакна дека секој народ се изродил низ борба, жртви и вера во слободата, а македонскиот народ, иако мал, има „најживописна борба за слобода, испишана со крв и страдања“.


„На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање“, рече тој, додавајќи дека ВМРО „му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти нашата татковина Македонија“.

Премиерот потсети дека од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба и дека со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, саможртвата и вечниот стремеж кон слобода.

„Денес не славиме само минато. Денес го славиме духот на трајноста“, истакна тој и додаде дека ВМРО е мислата што не умира, затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна.

За ЕУ и уставните измени

Мицкоски се осврна и на актуелните политички прашања, истакнувајќи дека битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди.

„Во контекст на последните барања, кои што се наша пречка, а тоа се уставните измени, главното прашање што се наметнува е: што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот? И дали е фер?“ – праша Мицкоски, додавајќи дека секој следен потег мора да обезбеди гаранции дека „ова ќе биде последното“ и дека Македонија ќе добие „нешто опипливо и предвидливо“.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ „никогаш нема да попушти кога се во прашање интересите за македонскиот идентитет и државата“.

„Нашата определба за Европската Унија ја докажавме преку многу одрекувања, многу жртви, дури и по цена на сопствена штета. И никој нема право да каже дека не дадовме жртва и не плативме прескапа цена за она што го сакаме- членка на Европската Унија.“, рече Мицкоски.

Тој рече дека опозицијата „е подготвена да прифати и да отстапи повеќе“, и дека токму преку таквите отстапки се обидува да остане дел од политичкиот живот, без да размислува за долгорочната штета по државата и идните генерации. Мицкоски нагласи дека единствената пречка за реализирање на таквите намери е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи, која, според него, ќе продолжи да се спротивставува на сите обиди за загрозување на македонскиот идентитет и државност.

Опозицијта да размисли дали ќе се осмели да оди на предвремени избори кои јас ги сметам за непотребни, рече Мицкоски.

Во врска со локалните избори, тој истакна дека резултатите од првиот круг — според бројот на освоени градоначалнички и советнички места — го потврдија водството и поддршката за ВМРО-ДПМНЕ. Според него, тоа покажува дека народот има надеж и очекувања што партијата нема да ги изневери.

Од друга страна, опозицијата, како што рече, доживеала историски дебакл и сега се охрабрува со нереални пресметки за пратенички места.

„На опозицијата ќе и оставаме време да се консолидира и да размисли дали ќе се осмели да оди на предвремени избори, кои да бидам директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план. Но нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор. Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари“, рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека резултатите од локалните избори биле јасна порака и за ДУИ, која, според него, била казнета од граѓаните поради долгогодишното користење на етничките теми за лични интереси и привилегии. Тој истакна дека политиката треба да се темели на заеднички вредности, а не на етнички поделби или шовинизам.

„Овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање за подобар живот- живот што граѓаните 20 години не го добија со таа политичка партија“, рече Мицкоски.

Да не дозволиме некој да нè дели по вера, јазик или етничка припадност

Мицкоски се осврна и на соживотот, потенцирајќи во обраќањето дека нашата татковина е татковина и дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои ја чувствуваат како своја татковина.

„Нашата задача денес е да го унапредиме тоа единство, да ја градиме довербата меѓу заедниците и да покажеме дека државата е подеднакво мајка за сите свои граѓани. Тоа не се постигнува со зборови, туку со дела. Со еднакви шанси во образованието. Еднаков пристап до институциите. Рамноправност во секојдневниот живот. Само така ќе создадеме општество во кое никој нема да се чувствува заборавен, а секој ќе се чувствува ценет и почитуван. Да не дозволиме некој да нè дели по вера, јазик или етничка припадност, затоа што само заедно можеме да го одржиме мирот, да го изградиме просперитетот и да ја сочуваме иднината на нашата татковина“, рече Мицкоски.

Македонија – држава во која трудот ќе се вреднува, младите ќе остануваат, а семејствата ќе имаат сигурност и перспектива

Говорејќи за предизвиците и сегашноста, Мицкоски истакна зборуваше за татвина што ќе ја препознаеме по редот, работата и напредокот. По институциите ќе бидат сервис на граѓаните, а не товар. Во која трудот ќе се вреднува, младите ќе остануваат, а семејствата ќе имаат сигурност и перспектива.

„Ја гледам како држава што вложува во знаење, во нови технологии и иновации, што создава домашна економија конкурентна на европскиот пазар, што гради современа инфраструктура и чиста животна средина. Земја што не чека да ѝ се случи иднината, туку сама ја создава. Таквата Македонија нема да ја изгради ниту еден човек сам, туку сите заедно – државата, стопанството, науката, семејствата, младите. Таа Македонија треба да биде визија што ќе ги обедини сите генерации: од оние што се бореле за неа, до оние што ќе ја водат во новите времиња. Да создадеме земја што ќе биде пример на стабилност и успех, земја што ќе остане своја и горда, но и современа и европска. Тоа е татковината што ја гледам пред нас – држава што чекори сигурно напред, со глава исправена и со срце насочено кон иднината“, рече Мицкоски.

Додаде дека во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот. Мора да ја направиме македонската економија поконкурентна и со повеќе додадени вредности. Борбата за секој работник е моја борба и тоа ќе биде приоритет број еден, рече Мицккоски. Следува време на економија и борба за стандард. И тоа ќе биде нашата главна задача, додаде.

Можете да прочитате

По 20 години на политичката сцена Ахмети размислува за повлекување?

Се официјализира соработката: ВРЕДИ со поддршка за Мирослав Лабудовиќ

Кривичен одреди притвор и куќен притвор за осомничените за лихварство и перење пари