
Европа не може да биде силна на глобално ниво ако ги затвора очите дома и не може да проповеда демократија во Киев или Тбилиси, додека ја игнорира неправдата во Софија, изјави француската европратеничка Валери Ајер во воведното обраќање на дебатата во Европскиот парламент за „континуираниот напад врз демократските институции и владеењето на правото во Бугарија“.
Ајер истакна дека директен повод за денешната дебата е апсењето на градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, само затоа што, како што рече, ја претставува новата генерација која ги отфрла корупцијата и стилот на владеење на Кремљ.
– Тој стана политички затвореник во рамките на Европската Унија. Тоа е предупредување за сите нас. Градоначалникот на Варна беше избран од бугарскиот народ за да донесе реформи, транспарентност и надеж, но денес тој седи во ќелија со висок степен на безбедност без веродостојни обвиненија, рече Ајер, која е и копретседавач на иницијаторот на дебатата, либералната група „Да ја обновиме Европа“.
Според Ајер, апсењето на Коцев е тест за европските вредности и кредибилитетот на ЕУ, затоа што ако тие не важат за еден, нема да важат за сите.
– Ако молчиме стануваме партнери во злосторството. Да покажеме дека ЕУ се уште се залага за демократија и правда насекаде и за сите, истакна Ајер.
Таа додаде дека она што се случува во Бугарија не е случајно, туку е резултат на заробувањето на правдата од страна на олигарсите, кои сите оние што се залагаат за реформи ги третираат како непријатели на државата.
Според неа, состојбата во Бугарија е показател на корумпираниот свет на тајкунот Дилјан Пеевски, кој, како што рече, создал систем што ги замолчува судиите, обвинителите, безбедносните служби и медиумите.
– Дилјан Пеевски е опасност за демократијата. Тој презема контрола врз постојните политички партии, една по една, и тие политички партии ги користи како алатки за замолчување на противниците, додаде Ајер.
Таа ја повикува Европската комисија да испрати итна мисија во Бугарија за да ја процени состојбата со владеењето на правото и да ги суспендира на сите исплати на помош за земјата наменети за правосудните реформи, се додека Софија не ги ослободи политичките затвореници и не спроведе вистинска поделба на властите.
– Ние како либерални демократи, христијански демократи или социјалдемократи мора да интервенираме. Вашите партии можеби се дел од сегашната (бугарска) Влада, но вашата чест и вашите вредности мора да надвладеат над партиската политика. Искористете ги вашите европски семејства за да го извршите потребниот притисок. Наша должност е да дејствуваме со јасност, единство и храброст. Апелираме за промени во Бугарија веднаш, истакна Ајер обраќајќи им се на бугарските европратеници.