
Диме Спасов, кој во 2013 година на само 28 години стана министер за труд и социјална политика, долго е активен во деловниот сектор.
Спасов е вратен во Македонија пред повеќе од три години, а во тој период активно се занимава со приватен бизнис, кој неодамна го проширува и надградува со нова компанија велат блиски извори за 24инфо.
Пред неколку недели, тој ја основал „Про Солутионс Ассет“, друштво за проценки и вештачења на движен и недвижен имот. Ко-основач на фирмата е Хана Муминовиќ, успешна професионалка во областа на продажба и изнајмување недвижности.
Спасов е роден во 1985 година, а својата кариера ја започнал како референт за извршување и правни работи во Јавното станбено претпријатие (2006–2009), период во кој паралелно студирал и го завршил факултетот.
Во 2010 година бил назначен за директор на Агенцијата за млади и спорт, по што ја извршувал функцијата државен секретар во Министерството за правда, а подоцна бил и директор на скопскиот Катастар. На крајот на мај 2013 година, на само 28 години, Спасов станува министер за труд и социјална политика.
Во неговиот мандат беше реализиран проектот „Македонија вработува“, преку кој беа создадени над 11.200 нови работни места со цел намалување на невработеноста во земјата.
Денес, по политичката кариера, Спасов се насочува кон економски активности и проценителски услуги, со цел неговата нова фирма да стане препознатливо име во областа на проценки и вештачења на имот.