
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека според нивната електронска евиденција, д-р Игор Кузмановски – разрешениот директор на Клиниката за неврологија – е евидентиран како специјалист по неврологија со факсимил број 712680, кој е активен во рамки на договорот за обезбедување и плаќање здравствени услуги во специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита, склучен меѓу ФЗО и Универзитетската клиника за неврологија.
Од Фондот информираат дека факсимилот со број 712680 е активен од 1 април 2010 година, со еден прекин во април 2018 година поради користење неплатено отсуство. Одобрението за издавање на факсимилот е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во Клиниката за неврологија, потврден и заверен од самата установа.
Списокот бил доставен во согласност со активниот договор од 2020 година, кој важи до 2028 година. Фондот дополнително потсетува дека, според член 3 од договорот склучен меѓу ФЗО и Клиниката за неврологија, обврска на здравствената установа е да обезбеди стручен кадар кој ги исполнува сите услови утврдени со актите на Министерството за здравство, вклучувајќи ја и обврската лекарите да поседуваат важечка лиценца за работа.
Во однос на постапката за издавање факсимили, ФЗО објаснува дека е потребно здравствената установа да поднесе барање придружено со важечка лиценца за работа, издадена од надлежната комора и заверена на нотар. Со оваа постапка, Фондот го утврдува правото за издавање факсимил согласно законските прописи и достапната документација.
Фондот дополнително посочува дека на 15 ноември 2024 година се обратил до Лекарската комора со барање за електронско поврзување и преземање на сите активни лиценци, со цел да се спречи евентуално незаконско работење и злоупотреба на лиценци. „До ден денешен, Лекарската комора не одговори на барањето“, велат од ФЗО.
„Фондот останува доследен во примената на законските прописи и во секое време е подготвен за соработка и транспарентна комуникација со медиумите и јавноста“, се наведува во соопштението.