Утрински Весник
Скопје
300x250 opst2

Трајановски: Јавниот транспорт мора да стане функционален, економичен и еколошки

Image 2025 10 13 153806685.png
300x250 opst2

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.

„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.


Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.

Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.

Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.

Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.

„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.

Можете да прочитате

Шукова: Старата скопска чаршија мора да биде срцето на современо, зелено и европско Скопје

Меџити: Во Дуќанџик инвестиција од 2 милиони евра за модерна инфраструктура и достоинствени услови за жителите

Ацевски: Нашата визија е човекот пред профитот, нивната визија е брз профит – Ќе добие ли Имер Селмани нови згради во Ѓорче под превезот на „населба за млади“?