
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Неготино, рече дека е време Неготино да добие вистински градоначалник, фер однос и чесна власт која го цени трудот, изразувајќи поддршка за кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петар Мантев.
„Петар е човек од народот. Човек што знае што значи да се работи, да се создава и да се води со разум, а не со ароганција. Со него, Неготино ќе добие градоначалник што ќе биде достапен, што ќе слуша и што ќе одговара – не пред партија, туку пред граѓаните”, истакна д-р Филипче.
Во продолжение, тој зборуваше за важноста на изборот за градоначалник кој ќе биде блиску до народот.
„Денес сум тука да побарам поддршка за еден искрен, трудољубив и чесен човек – човек што ја знае секоја улица, секој проблем и секој граѓанин во Неготино. Да побарам поддршка за Петар Мантев, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Неготино,” порача д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека тимот на Мантев е составен од луѓе со визија, знаење и искрен пристап кон граѓаните.
„Зад него стои тим од луѓе што не ветуваат лажни чуда, туку имаат план, знаење и визија за град што дише, за град што се развива и за град што живее со луѓето, а не на нивна сметка. Оваа листа на СДСМ во Неготино е листа на чесни луѓе – ваши соседи, ваши сограѓани, луѓе што ќе останат тука и по изборите, луѓе што нема да се кријат во кабинети и службени возила”, рече д-р Филипче.
Во своето излагање Филипче порача дека оваа екипа ќе ја врати довербата и достоинството во локалната власт.
„Тоа е тим што ќе го врати достоинството во локалната самоуправа и ќе го врати Неготино таму каде што заслужува да биде,” нагласи д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која синоќа се одржа во Неготино.