Утрински Весник
Скопје

Шукова: Карпош ќе дише полесно со нов мост, продолжување на булеварите и функционални јавни претпријатија

Kaja sdsm karposh 2.jpeg

Соопштение на СДСМ:

Во преполната сала „Партизан” во Карпош, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, одржа силен и содржаен говор во кој ги претстави клучните приоритети на својата програма – функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.


„Ова не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози,” изјави Шукова, нагласувајќи дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.

Таа остро се осврна на неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги: „Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла.”

Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура: „Ќе го изградиме Скопје по европски терк – град што обезбедува ред, услуга и сигурност.”

Во Карпош, најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации”, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија” и „Никола Карев” со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија” до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски” и „Љубљанска”.

„Ќе воведеме ‘Зона 30’ во густо населени делови, ќе поставиме ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки и ќе ги претвориме запуштените површини во живи скверови и паркови,” додаде Шукова.

Таа истакна и дека дигиталните решенија ќе бидат темел на модерното управување со градот: „Смарт Скопје ќе значи знаење кога контејнерите се полни, паметно управување со отпадот, повеќе осветлување и дигитални системи што носат ефикасност и транспарентност.”

„Ние не ветуваме чуда – ветуваме работа, чесност и резултати што се гледаат,” порача Шукова, додавајќи дека со Маја Мојсова во Карпош и тимот на СДСМ, ќе се врати довербата во политиката и гордоста во Скопје.

„Во Карпош се родив, тука сум целиот живот, и ќе се борам за Карпош и за Скопје што обединува,” заврши Каја Шукова.

Можете да прочитате

Две угинати кучиња во Кисела Вода, сомнеж за намерно труење

Традиционален планинарски марш на Водно за Денот на европското знаме

Утре, традиционален планинарски марш на Водно