
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во рамките на работната посета на Романија, оствари билатерална средба со Рајед Арафат, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Романија, кој раководи со Одделот за вонредни состојби, каде што се координираат сите итни служби, вклучувајќи противпожарна и цивилна заштита, итна медицинска помош, спасување од урнатини, од поплави и слично.
Kако што соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување, на средбата се разменија мислења за досегашната взаемна соработка, за актуелните состојби со заштитата и спасувањето, со акцент на пожарите, како и за реформите на системите за справување со итните ситуации.
-Стојанче Ангелов го запозна неговиот колега со најновите случувања во таа насока кај нас во системот за управување со кризи и изрази задоволство што Романија стои на располагање да помогне споделувајќи ги своите искуства од реформите на нивниот систем за управување со итни ситуации, што бележи значителен развој. Истовремено, Ангелов го покани Арафат на средба во Скопје, што со задоволство беше прифатено, стои во соопштението.
Средбата се додава, се заокружи со заеднички предлог за размена на нацрт содржина за Меморандум за соработка со чие потпишување ќе се доуреди и унапреди натамошната билатерална соработка во доменот на цивилната заштита меѓу двете институции. Романија останува наш докажан партнер кој секогаш помага, несебично ставајќи ги своите капацитети на располагање, се наведува во соопштението.