Утрински Весник
Македонија

Учебната година не започнала во воспитно-поправниот дом „Тетово“, МОН ги игнорира укажувањата на Народниот правобранител

Vospitno popraven dom tetovo.jpg

Иако учебната година официјално започна на 1 септември, наставата сѐ уште не е отпочната во воспитно-поправниот дом „Тетово“ во Волковија, објави порталот „Сакам да кажам“ (СДК). Според информациите, иако во домот има деца од основно и малолетни лица кои треба да посетуваат средно образование, убаво уредените училници остануваат празни и фаќаат прашина.

Народниот правобранител веќе реагирал до Министерството за образование и наука (МОН) поради оваа состојба, но од таму нема никаков одговор на испратените дописи и ургенции.


„Образованието е основно човеково право, загарантирано со Уставот, право на секое дете, а непосетувањето на основно и средно образование се казнува со закон“, потсетува СДК. Порталот предупредува дека државата ги затвора децата за сторени полесни кривични дела, но не им овозможува да се едуцираат и ресоцијализираат, што е главната цел на ваквите установи.

Од „Тетово“ велат дека до Министерството испратиле списоци со ученици кои треба да посетуваат настава и од основно и од средно образование. Во одговор за СДК нагласиле дека во институцијата има одлични услови за физичка и за онлајн настава, но дека одлуката и почетокот на наставата зависат единствено од МОН.

Порталот „Сакам да кажам“ вчера официјално побарал одговор од министерката за образование Весна Јаневска – зошто наставата сѐ уште не е започната и зошто Министерството ги игнорирало укажувањата на Народниот правобранител. Сепак, до моментот на објавата, одговор не е добиен.

Можете да прочитате

Левица: Нема вода за Стружани – има вода за хидроцентралите на Анѓушев

ВМРО-ДПМНЕ со број 9, СДСМ со број 5 на локалните избори 2025

Андоновски: Централниот регистар нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија