Утрински Весник
Македонија

Тошковски демантира дека добил порака од Росица

544481927 122254706864197509 396959549590657446 n.jpg
Панче Тошковски

„Дали пред смртта на Росица Вие лично сте имале комуникација со неа на мобилен телефон, преку смс-порака и повик во која ви барала помош поради нефункционален систем и наводно вратен пасош на Илија Стефановски за тој да патува во Германија? Дали пораката која што се прошири на социјалните мрежи е веродостојна и испратена на вашиот мобилен телефон? Дали вие ја видовте таа порака?“ – ова беа прашањата кои утринава „Слободен печат“ ги упати до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, откако на социјалните мрежи се појави фотографија од наводна порака испратена од страна на убиената Росица.

Од Министерството за внатрешни работи одговорија дека министерот категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста. „Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите поврзани со вашето прашање. Воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“, наведуваат од МВР за „Слободен печат“.


Фотографијата од пораката што кружеше на интернет и преку новинарски контакти не содржи датум на испраќање, ниту пак целосен телефонски број – недостасуваат три цифри. Во пораката пишува:

„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември месец па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е се уште на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин…“

Тошковски јавно изјави дека оваа порака не е веродостојна. Меѓутоа, на Инстаграм профилот на Илија Стефановски, кој ја уби Росица и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде животот, може да се види објава дека тој бил во Берлин на 12 јануари 2025 година. Иако не може со сигурност да се утврди кога фотографијата е снимена, таа дополнително ја зголеми вознемиреноста кај јавноста.

Името на Илија Стефановски е одамна познато во полициските евиденции. „Слободен печат“ дознава дека во последните 10 години повеќе жени го пријавувале во различни полициски станици во Скопје. Само од 2013 година до денес, четири жени поднеле пријави за негово насилно и манипулативно однесување, демнење, закани и малтретирање. Сите овие пријави биле заведувани како „поплаки“, наместо да бидат процесуирани до Јавното обвинителство.

Фемицидот во Велес предизвика силни реакции во јавноста и го отвори прашањето за несанкционирањето на сторителите на семејно и меѓупартнерско насилство. Револтирани граѓани и организации утре (четврток) во 18 часот најавија блокада на раскрсницата кај паркот „Жена-борец“.

„Време е за организирање и здружено делување. По минатонеделниот протест ‘Ниту една повеќе’, повикуваме на блокада за да го канализираме нашиот колективен гнев и да ги дефинираме барањата кон институциите кои ги загрозуваат нашите животи. Дојдете на улица и придружете се во заедничката борба против насилството врз жените“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи.

Правничката Рената Десковска објави најнова пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, потенцирајќи дека блиските на убиената Росица имаат право да ја тужат државата Македонија заради пропустите на институциите.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ со број 9, СДСМ со број 5 на локалните избори 2025

Андоновски: Централниот регистар нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија

Активни четири пожари, исто толку се под контрола, еден е изгаснат