Утрински Весник
Македонија

И покрај долгот од над 10 милиони евра, „Пуцко петрол“ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со нафта – вели Јахоски

Asmir Jahoski.jpg

Сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, денеска соопшти дека неговата компанија ќе продолжи да го снабдува ЈСП „Скопје“ со нафта за автобусите. Давајќи изјава за ТВ 21, тој одговори на шпекулациите во јавноста дека е можен прекин на градскиот превоз, откако од Градот Скопје вчера реагираа дека фирмата „Пуцко петрол“ и нејзиниот сопственик ја прекинале испораката на нафта и покрај активниот договор со ЈСП „Скопје“.

„Нема да има прекин на градскиот превоз. ‘Пуцко петрол‘ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со гориво и покрај долгот од над 10 милиони евра што го има кон нас“, рече тој.


Според него, Градот Скопје не управува правилно со претпријатието ЈСП, за кое додаде дека е заглавено во долгови.

Сепак, повтори дека нема да го прекинат снабдувањето со гориво, за да не страдаат граѓаните.

Од ЈСП „Скопје“ утрово соопштија дека нема најава за прекин на возењето на нивните автобуси. Иако вчера неофицијално имаше најави за проблеми со снабдувањето со нафта, оттаму соопштија дека вчера попладне пристигнале 20 тони гориво, по десет во двете автобази, што е доволно за возењето во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Од Град Скопје вчера преку соопштение реагираа дека фирмата „Пуцко петрол“ и нејзиниот сопственик Асмир Јахоски ја прекинале испораката на нафта и покрај активниот договор со ЈСП „Скопје“. Според Град Скопје, Јахоски го сторил тоа под „силен политички притисок“, со цел да се создаде хаос во главниот град.

На обвинувањата од Град Скопје со реакција се јави фирмата „Пуцко петрол“, од каде што рекоа дека ЈСП „Скопје“ има долг кон нивната компанија, кој надминува 10 милиони евра по фактури стари и над две години.

Според компанијата, секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, без исклучок добива гориво согласно договорените услови.

Можете да прочитате

Наводна порака за помош од убиената Росица од Велес до министерот Тошковски

Министерот за здравство лично им се извинил на вработените во пералната на Клиничкиот центар

Семјеството на Теодора Ристовска реагира: „Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва“