
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа на покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ и беше посветен на владеењето на правото. Ова беше второ учество на министри од земјите-кандидатки да бидат на иста маса на формален состанок на ГАК, заедно со земјите членки, во рамки на европскиот Механизам за владеење на правото. Состанокот беше фокусиран на Извештајот на Европската комисија за 2025 година и на состојбите во четири области: судскиот систем, антикорупцискиот рамковен механизам, медиумската слобода и плурализам и институционалните прашања поврзани со контролните механизми.
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека вклучувањето на Северна Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за европската перспектива на земјата и признание за нејзиниот напредок. Тој посочи дека учеството во формалниот Совет за општи работи, втора година по ред, претставува јасна порака дека земјите кандидати се дел од заедничките напори за унапредување на владеењето на правото во цела Европа. Муртезани исто така посочи дека Извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат. Во продолжение, тој нагласи дека владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Според него, реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат кон стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
Муртезани потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур, дека Европската Унија нема да биде целосна без Западен Балкан и дека проширувањето е стратешки интерес на цела Европа. Тој истакна дека Северна Македонија учествува во Советот не како набљудувач, туку како партнер кој активно придонесува во заедничките напори за унапредување на демократијата и владеењето на правото. Муртезани заврши со порака дека зајакнувајќи ја правната држава дома, Северна Македонија ја зајакнува и Европската Унија и дека овој процес не е само национален приоритет, туку заедничка инвестиција во стабилноста, сигурноста и иднината на целата Европа.