
„Ова не е само објект, ова е инвестиција во културата. Ова е идентитетот и иднината на Скопје. Универзална сала ќе биде симболот на модерно Скопје“, изјави денеска министерот за култура Зоран Љутков на прес-конференцијата по повод презентацијата на визуелното решение за реконструкција и изградба на култната сала.

Новата Универзална сала ќе ја задржи препознатливата форма со цел зачувување на колективната меморија на скопјани, но ќе понуди целосно современ концепт – со капацитет од 1 200 седишта, нова просторна акустика и современи техничко-технолошки системи.
Љутков најави дека изградбата ќе започне на почетокот на октомври, откако ќе завршат постапките за избор на изведувач и надзор, а проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“. Рокот за завршување е крајот на 2027 година, за во 2028 Скопје да биде подготвено за програмата „Европска престолнина на културата“. Вкупната инвестиција е проценета на 20 милиони евра.
„Ова ќе биде модерен и функционален објект што ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе и даде нова енергија на културната сцена во Скопје. Универзалната сала ќе стане симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани“, рече министерот.
Проектот предвидува нова сценска техника, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Исто така, ќе се применат енергетски ефикасни решенија и ново хортикултурно уредување на просторот околу салата.
Проектантот Бујар Муча објасни дека концептот на гледалиштето и влезовите е задржан, но бројот на седишта е намален од 1 500 на 1 200, со цел да се овозможи поголем комфор и да се исполнат сите безбедносни стандарди. „Со ова, салата ќе биде пофункционална и ќе може да биде домаќин и на филмски премиери, а подобрената акустика нема да им пречи на жителите во околината“, истакна Муча.
По завршување на изградбата, Универзална сала повторно ќе премине под надлежност на Град Скопје.