Утрински Весник
Економија

НБРМ има целосна одговорност да ги испита сите ризици за влез на Алта Банка во Македонија

Alta banka 1.jpg

На влезот на српска Алта Банка во Македонија со најавеното преземање на Стопанска банка Битола може да се гледа и од аспект на прибежиште на бизнисмени и политичари од Србија ако има промена на власта во Србија наскоро, што е веќе извесно. Од аспект на макроекономската матрица, не треба да се занемарува ризикот од испумпување на ликвидност од македонските економски субјекти (граѓани и фирми) и трансфер во странство во корист на нерезидентните сопственици.

Ова се само дел од мислењата на експертите за финансии и банкарство што ги консултираше Рацин.мк за импликациите од влезот на Алта  Банка на македнскиот финансиски пазар, особено ако оваа банка со себе носи и многу контроверзи. Оние што најмногу „бодат очи“ е онаа за истрагата на Европската централна банка за наводите за перење пари во Алта банка, како и онаа дека оваа банка има блиски контакти со српскиот претседател Вучиќ и со неговата Српска напредна странка.


За универзитетскиот професор и економски експерт д-р Ванчо Узунов, политичкиот аспект на влезот на Алта банка во Македонија не е за занемарување и заради ситуацијата во која е Србија во овој момент и нејзиниот однос топло-ладно кон ЕУ.

Претходно во интервју за Рацин.мк Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, предупреди дека според него мотивите на Алта банка се од друга природа.

„Ќе им овозможи на таа група бизнисмени и политичари од Србија пристап до македонскиот пазар, што може да биде многу корисно ако има промена на власта во Србија наскоро, што мислам дека е веќе извесно“, рече Јовановиќ.

За дел од експертите намерата на српската банка е легитимна согласно отворениот пазарен систем.

„Што ќе значи тоа за Македонија ќе зависи од тоа што ќе прави таа банка понатаму ако успее да влезе. Тоа нема да влијае на конкуренцијата на пазарот на банките и банкарските производи и услуги, бидејќи не е нова банка, туку станува збор за купување на банка што веќе постои.  Освен ако таа банка не почне да ја развива купената банка за да ја направи посилна и со тоа да се постави како конкурент во постоечкиот банкарски систем. До тука нема ништо спорно, останува да видиме“, смета професорот Узунов. „Мојата оценка би била нека влезе банката, добро е да влезе без некакви привилегирани услови и да работи според законите, да не прави незаконски или полузаконски работи“.

Павле Гацов, финансиски и даночен советник, потсетува дека со евентуалниот успех на ова преземање ќе се зголеми учеството на странскиот капитал во македонските банки од апктуелните 70-тина проценти.

„Преземањето на значаен дел од сопственоста на Стопанска банка Битола нема да влијае врз финансиската состојба на оваа банка. Имено парите од преземањето ќе бидат префрлени кај сопствениците. Во планот за преземање најважен е делот за евентуална докапитализација, односно зголемувањето на кредитниот потенцијал на Стопанска банка Битола од страна на новиот доминантен сопственик. Освен редовното банкарско работење, како и претстојната реформа во делот на платежни услуги, оваа банка очигледно ќе биде избор на македонските и српските компании кои имаат меѓусебни деловни односи“, проценува Гацов.

Тој отвора и едно друго прашање во врска со влезот на нова странска банка во Македонија.

„Преземањето на доминантната сопственост над Стопанска банка Битола од страна на странски сопственик и големото учество на странски сопственици во домашниот банкарски сектор ја засилува потребата од создавање на регулаторни рамки со кои ќе се оневозможи дивеењето на банкарските надоместоци и проовизии, со кои ќе продолжи остварувањето на рекордни добивки од работењето на банките, кои се трансферираат во странство. Од аспект на макроекономската матрица ова значи испумпување на ликвидност од македонските економски субјекти (граѓани и фирми) и трансфер во странство во корист на нерезидентните сопственици“, смета Гацов.

Ова негово укажување го насочува вниманието кон Народната банка на Северна Македонија и кон гувернерот Трајко Славески.

Професорот Узунов вели дека улогата на НБРСМ и на гувернерот како раководен орган во овој случај е многу голема. Најголема од сите институции во тој дел на финансиските институции.

„Гледаме дека гувернерот се меша во сите банкарски работи, колкави провизии земаат и слично, тогаш и за ова има одговорност што треба да си ја преземе. НБРСМ дава одобрение на секој сопственик на банка што има над 5% акции во било која комерцијална банка. Тој има дискреционо право да ги одобри или да не ги одобри трансакциите на акциите што му дава најголема одговорност“, вели Узунов.

НБРСМ е таа којашто треба да ги разгледа сите аспекти пред да се донесе одлука за аквизиција на некоја банка. Законски е така поставено. Тоа значи дека НБРСМ ја има целосната одговорност да го провери рејтингот на банката, да ги испита сите ризици и потенцијали кои ги носи таа банка со своето портфолио.

Оттаму како рационално се чини укажувањето на Бранимир Јовановиќ, кој вели дека гувернерот на Народната банка на Северна Македонија треба сериозно да размисли дали да го одобри или не преземањето на Стопанска банка Битола.

Ги прашавме нашите соговорници дали е може да се очекуванаскоро и влез на унгарска банка во Македонија.

Професорот Узунов вели, можно е.

„Можно е, затоа што гледаме во последно време, со новата влада, има наплив на финанисрање и на проекти на таа линија Србија и Унгарија. Еве влезе и голем телеком оператор и гледаме дека владата на нив гледа со фаворизирачки пристап. Не е неутрална, туку благонаклона кон инвестициите од овие земји. Но тука е и политички аспект што отвора и прашање што ќе се случува во тие земји во блиска иднина. Во Србија врие, а и во Унгарија може Орбан нема добар рејтинг“, проценува Узунов.

Бранимир Јовановиќ, пак, смета дека просторот за тоа би се стеснил по влегувањето на Алта банка.

„Се намалува бројот на банки кои можат да ги преземат и со тоа се намалуваат и мотивите, сè што би сакале да прават, ќе можат да го прават преку Алта банка“, е на мислење Јовановиќ. „Она што не ми е јасно во целата ситуација е кои се мотивите на македонските власти. Не можам да видам што би добиле тие, освен провизии од продажбата. Можеби и тоа им е доволно“.

Можете да прочитате

Јовановиќ: ЕЦБ води истрага против Алта Банка, таа банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата

Голем интерес за субвенции за инвертер клима-уреди – рокот за аплицирање до 5 октомври

Власта нејќе да чуе за зголемување на минамалецот, Дурмиши вели така ќе се отпуштале работници