
Барањето на СДСМ за целосна декласификација на документите предизвика нервоза кај власта, која се обидува да се претстави како жртва, но падна во сопствената замка, изјави пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во гостувањето во „Дневник“ на Сител телевизија.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставени. Најавата предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат. Ние велиме: сакаме сè да биде објавено“, нагласи Петровска.
Таа потсети дека претседателот на Комисијата за надзор, Скендер Реџепи, поднел барање за безбедносен сертификат кон крајот на 2024 година, но дека шестмесечниот законски рок одамна е надминат. Дополнително, неколкупати биле закажувани и откажувани седници, за потоа Реџепи сам да закаже седница, што, според неа, оставило лош впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со одговорност од сите. Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата“, предупреди Петровска.
Таа подвлече дека АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку е столб на државата. „И покрај недостатоците, таа институција придонесе Северна Македонија да стане членка на НАТО. Реформите мора да продолжат, но на вистински начин, со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, истакна таа.