Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Потрошивме 11 милиони евра на учебници, што побарале училиштата, тоа добиле

Janevska.webp.webp

Учебниците законски се менуваат на пет години, учениците треба да се грижат за нив, наставниците да ги научат на тоа, а директорите се должни да ги регистрираат сите оштетени учебници, да ги наплатат од родителите и да порачаат нови. Ваков е заклучокот од долгиот одговор на министерката за образование Весна Јаневска, на прашањето зошто и оваа година има многу поплаки од ученици и родители за искинати учебници.

„И до мене стигнаа поплаки од родители кои велат дека децата им добиле несоодветни учебници и многу ми е жал. Децата треба да имаат соодветни учебници. Учебниците се обновуваат на пет години, по закон. Значи еден учебник во употреба е пет години, досега и не е правено така, но отсега ќе биде така. На секои пет години ќе се обновуваат учебниците“, рече министерката Јаневска.


Кога прашала зошто учебниците е решено да се менуваат токму на пет години, наставниците и експертите и кажале дека тоа начин да ги поттикнат учениците да се грижат за учебниците.

„Тоа е дел од воспитниот процес, да се цени и почитува знаењето. Наставниците треба да ги научат дека тоа треба да се прави така“, рече министерката Јаневска.

За учебниците кои ќе бидат оштетени, Јаневска потсети дека е предвидено родителот да ја компензира направената штета, а компензацијата се намалува како одминуваат годините, односно ако учебникот е понов компензацијата е поголема, а ако е постар ќе биде помала.

„Секоја година во мај го отвораме електронскиот систем во кој училиштата треба да пријават оштетени учебници со доказ дека го спровеле законот, односно со уплатница дека наплатиле 10 % од вредноста на учебникот, 40% или 70 % од вредноста на учебникот. Комисијата и директорите се должни да водат сметка, да ги примат учебниците, да забележат кој е оштетен, да побараат рефундирање на средствата, да достават до Министерството, и Министерството тој учебник ќе го отпечати без оглед дали е 20-50 или 100% оштетен. Тоа што сме добиле тоа сме направиле. Министерството не може да помине кај секој ученик и да ги провери учебниците. Што побарале училиштата, тоа добиле“, вели министерката Јаневска.

Таа нема податок дали и колку пари се наплатени на родители за оштетени учебници оти, како што рече, тоа се податоци со кои располагаат училиштата.

„ Немам точна бројка, но вкупната бројка која оваа година ја потрошивме за учебници до овој момент е некаде околу 11 милиони евра. Тие податоци треба да ги имаат училиштата. Ние ја гледаме збирната сума и велиме во ред е, доставиле доказ и тие и ги нарачуваат“, рече министерката Јаневска.

Министерката кажа дека освен оштетените учебници предизвик за Министерството е учебникот по математика за четврто одделение, за кој ќе се обидат да го решат онака како што им дозволува законот, а предизвик е и учебникот по историја за осмо одделение кој е укинат во учебната 2018/2019 година, а пет години не е нарачан нов. Јаневска рече дека не знае зошто претходните министри не нарачале нив учебник, но кажа дека оваа година таа не го нарачала оти за две недели ќе има конкурс за нови наставни програми за осмо одделение па непотребно трошење буџетски пари според неа би било да се нарача учебник за само една година.

Можете да прочитате

ДУИ ги утврди новите кандидати за градоначалници во Долнени, Пласница и Бутел

Голем пожар во Берово – сите пожарникари и шумска служба на терен, апел за помош од граѓаните

ЗНАМ со Димитриевски во Куманово и Лабудовиќ во Центар