
Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во изречената казна ќе се засмета и времето кое обвинетиот го поминал во притвор, потврдија од судот.
Случајот се однесува на инцидентот што се случи на 11 јули 2025 година, кога Арсовска заедно со овластени службени лица излезе на терен по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Љамалари пристигнал со електричен тротинет и физички и вербално ја нападнал градоначалничката, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани.
Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на настанот, објаснувајќи дека само се обидувал да го тргне телефонот на Арсовска за да спречи, како што рече, „неовластено снимање“. Тој изјави дека бил удрен со нога од страна на оштетената.
Од друга страна, Арсовска во своето сведочење го опиша нападот како „агресивен и опасен“, додавајќи дека се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Таа наведе дека нападот траел повеќе од 40 минути и дека била неопходна полициска интервенција.
Судењето го водеше судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението беше обвинителот Александар Давчевски.