
Општина Кочани доби уште еден независен кандидат за градоначалник. По Венко Крстевски, кој е актуелен вршител на должност на функцијата, своја кандидатура за локалните избори закажани за 19 октомври поднесе и економистот и граѓански активист Зоран Тодоров.
Тодоров, кој според државната новинска агенција МИА се споменувал како можен кандидат на една од двете најголеми партии во земјава, за независната кандидатура информира преку објава на социјалните мрежи.
„Вчера ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена“, напиша Тодоров.
Тој во објавата вели дека е семеен човек и економист по професија, кој Кочани не го гледа како спомен што избледнува, туку како иднина што мора заедно да се гради – чекор по чекор, човек по човек. „Јас сум човек од дела – не од зборови. Еден од основачите сум на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години сме им помагале на оние на кои најмногу им требало. Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: ‘Доста е – време е за поинаку’“, додаде тој.
Зоран Тодоров е роден 1978 година, повеќегодишен граѓански активист и еден од основачите на ротари-клубот „Кочани-Виница“, здружението „Воскресение“ и „Одборот за здрав живот“. Во моментов го раководи Центарот за солидарност „Сакам живот во Кочани“.
Во Кочани досега се поднесени и две листи со независни кандидати за советници, едната предводена од Благица Сабовљевиќ-Стојменова, а другата од Аки Акиов, кој е дел од актуелниот Совет на Општината.
Претходно, на 28 август, в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, исто така најави независна кандидатура. Тој ја презеде функцијата по оставката на Љупчо Папазов, кој заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Досега ниту владејачката ВМРО-ДПМНЕ ниту опозицискиот СДСМ не ги соопштија своите кандидати за Кочани. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека многу скоро ќе бидат објавени имињата за Кочани, Виница и Чешиново-Облешево.
Ноќеска заврши рокот за собирање потписи за независни кандидатури за локалните избори. Рокот за поднесување листи за кандидати за градоначалници и советници трае до 13 септември.