Утрински Весник
Македонија

Џамбазов: Прибери се, Македонијо! Матеј е единствениот првоодделенец во Маврови Анови

24.jpg

Прибери се, Македонијо! Во време кога зборуваме за модерни училишта, дигитализација и европски стандарди, во селото Маврови Анови – во срцето на Националниот парк Маврово – школското ѕвонче заѕвони само за едно дете. Малечкиот Матеј е единствениот првоодделенец кој годинава ќе учи во Основното училиште „Денче Дејаноски“.

На првиот училишен ден, со насмевка на лицето, Матеј зачекори во својата нова авантура придружуван од својата мајка, од учителката која ќе му го пренесува знаењето и од актерот Игор Џамбазов, кој со своето присуство го направи овој момент уште поспецијален. Емоцијата беше огромна – школски двор кој некогаш одекнувал од џагор и смеа на десетици деца, денес беше тивок, исполнет само со радоста и надежта на едно мало момче.


Училиштето „Денче Дејаноски“ е основано во 1957 година и во 1996 година доби официјална верификација од Министерството за образование. Неговата историја е долга и богата – низ неговите клупи поминале генерации ученици од Маврово и околните села. Денес, сепак, приказната е поинаква – училиштето живее само преку еден ученик.

Овој факт отвора болна, но реална слика за состојбата во руралните средини. Сѐ помалку млади семејства остануваат да живеат во планинските региони, бројот на деца постојано опаѓа, а училиштата кои некогаш биле полни со живот, се празнат. Тоа е последица на иселувањето, намалената наталитетна стапка и недостигот на перспективи за младите генерации.

Сепак, приказната за Матеј носи и светла порака – дека образованието постои за секое дете, без разлика дали класот е со триесет ученици или само со еден. А неговата насмевка на првиот училишен ден е симбол на надеж дека дури и во најмалите и најтивки заедници, училишното ѕвонче ќе продолжи да одѕвонува.

Можете да прочитате

Министерот Филков ќе магистира на тема за владиниот ресор со кој раководи

МакедонијаСДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

Семејството на смртно прегазената Теодора револтирано: „Како може тепање и убиство да имаат иста казна – две години затвор?“