Утрински Весник
Македонија

Екс-директорот Димовски најави одговор на наводите за злоупотреби во АНБ

Img 5893.jpeg

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, најави дека утре ќе излезе со аргументиран одговор во врска со наводите за злоупотреби во институцијата за време на неговото раководење.

„Денес е ден за славење, а од утре аргументиран одговор на наводите од брифинг во АНБ одржан деновиве…“, напиша Димовски на социјалните мрежи, по повод шестгодишнината од основањето на АНБ.


Наводите на кои се однесува најавата следат откако во петокот беше објавено дека АНБ доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување. Веста вечерва ја потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски.

Мицкоски истакна дека злоупотребите опфаќаат оформување предмети за следење на опозициски лидери, новинари и медиуми, со цел, како што наведе, уривање на власта. „Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки,“ рече премиерот, додавајќи дека злоупотребата на ресурсите на вакви агенции мора да запре.

Актуелниот директор Христовски порача дека АНБ во 2019 година не била вистински реформирана институција, туку „фасада“. Тој додаде дека има сериозни индиции оти поранешен директор и група вработени ја злоупотребиле службената положба и дека случајот веќе е во надлежност на Јавното обвинителство.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека е во тек предистражна постапка, но не споделија детали поради тајноста на процесот.

Инаку, Виктор Димовски беше првиот директор на АНБ, од основањето на институцијата во 2019 година до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.

Можете да прочитате

(Видео) Молотов коктел фрлен во објект во Скопје

Северна Македонија на 51. место според Глобалниот индекс за мир за 2025 година

Неделков: Изминатите пет години платите на просветните работници се зголемени за 70 проценти