Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Подготвени сме да ги направиме сите неопходни реформи – не само поради ЕУ, туку поради посилно општество

518118177 1344513874346356 8777026855707700621 n.jpg

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за влијателниот политички магазин Politico.

Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?”, рече Муцунски.


Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството. „Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска”, додаде министерот.

Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан. „Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција”, изјави Муцунски.

Тој потсети дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.

Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно. „Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион.”

Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски зборуваше и за поддршката што Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Вистината е дека Бујар Османи е политичар кој внесува поделби и омраза

Едно лице извршувало две неспоиви функции во Битола, платило глоба, но не се откажало од една од функциите

Времето утре сончево и топло, за викендот локален пороен дожд и грмежи