
Министерот за здравство Азир Алиу изутрината одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. На состанокот присуствуваа и заменик министерот, Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, соопшти Министерството за здравтсво.
Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и јавните здравствени установи.
– Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.

Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).
Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
Процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство.