
На денешната седница на Советот на Град Скопје се обрати советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.
Кирков истакна дека по посетата на Јавното сообраќајно претпријатие, сликата била застрашувачка, со што повеќе од 200 автобуси стојат нефункционални и неупотребливи, без притоа да се поправат.
„Заедно со колегата Тони Бојковски од Советот на Град Скопје направивме посета во ова јавно претпријатие и она што го видовме навистина нѐ вџаши. Повеќе од 200 расипани автобуси стојат подолго време на паркинзите на ова јавно претпријатие и покрај тоа што овде се случува тотален хаос“, рече Кирков.
Кирков додава дека ова јавно претпријатие работи недомаќински и ги повика институциите да направат целосна ревизија, со цел да се утврди кој е причинител за ваквата катастрофална ситуација на ЈСП.
„Оттука, се прашувам, иако сѐ е изгласано од страна на советниците, зошто ова јавно претпријатие апсолутно во последните три и пол години работи недомаќински и алармирам и од оваа позиција овде ги повикувам сите јавни и државни институции да направат целосна ревизија и да се утврди одговорноста за тоа кој придонесе ова јавно претпријатие да се наоѓа во ваква ситуација. Скопјани треба да бидат мирни, јавниот превоз и целиот град Скопје ќе доживее една поубава слика“.