
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во резиденцијата во Охрид примила делегација на раководството на Струшките вечери на поезијата.
-Дружењето со господарите на зборот, нивното височество поетите покрај брегот на бисерното Охридско Езеро е посебно естетско и духовно доживување.
Бев почестена да примам делегација на раководството на Струшките вечери на поезијата, предводена од в.д. директорот, Никола Кукунеш заедно со добитниците на највисоките награди – Иван Штрпка од Словачка, носител на „Златниот венец“, Матеуш Шимчик од Полска, добитник на наградата „Мостови на Струга“ и Јулијана Величковска, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук профилот.
Несомнено, додава претседателката, Струшките вечери на поезијата со сѐ посилно темпо ја збогатуваат светската книжевна ризница. Поетите, со својата моќ, не само што го опишуваат светот од сопствен агол, туку нудат и поубава, похумана и побогата реалност.
-„Во почетокот беше Словото…“ и денес, во Струга и насекаде околу нас, повторно зборот е тој што нè зближува, што ни дава сила да славиме, да тагуваме, да комуницираме и да се разбираме. Затоа е од исклучителна важност зборот на нашите и на странските поети, кои творат на македонски јазик, да биде слушнат, поддржан и промовиран од институциите. Со тоа ќе се засили поддршката за македонската поезија и истовремено ќе се збогати и една од главните вредности на човечката цивилизација, наведува претседателката во објавата на Фејсбук.