
Истражување на циклусот на материјата е заедничката уметничка потрага на уметниците од Македонија, Грција и Албанија-трите земји што се среќаваат на тромеѓето на Преспа, кои учествуваат во заедничката изложба „По Материјата“ што од 28 – 31 август 2025 година ќе се одржи во Агро кооперативата на производители на грав од Националниот Парк Преспа „Пеликан“, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкото културно здружение „Дитикес пинелиес“ (Западни четки) и групата „BUFF“, во соработка со Општина Преспа и Третата работилница по сликарство на Катедрата за ликовни и применети уметности при Факултетот за ликовни уметности во Лерин (Флорина) при Универзитетот Западна Македонија, поврзуваат вкупно 17 уметници од трите земји.
Како што соопштија организаторите, во фокусот на оваа уметничка траекторија е регионот на Преспа, место со симболична густина и богата историја, граничен предел, каде што се преплетуваат јазици, култури, минато и современи екосистеми.
Објаснуваат дека во Лемос, на грчката страна на Преспанското езеро, порано функционирала фабрика за конзервирање, една од главните индустриски единици во регионот, важна за локалното земјоделско производство, но паралелно оставала и траги и остатоци од индустријализацијата: отпад, енергетски загуби, ерозија.
– Уметникот, со трпение што потсетува на работата на дождовниот црв, ги зема остатоците од материјата и ги обработува. Ги препишува, ги трансформира. Малку пред конечното рециклирање или отфрлање, во тој меѓупростор, се раѓа нешто ново: уметничкиот чин што делува како спротивна сила, создавајќи духовно богатство од она што човекот го напушта како бескорисно. Материјата оживува. Се појавува како имагинарни суштества од дното на морето, како керамички оџаци што чадат, како облици од локалната флора и фауна. Преку оваа трансформација, се открива невидливиот товар на материјалите, нивната меморија и можноста за обнова и идно признание, соопштија организаторите.
Изложбата е поставена во просториите на Агро кооперативата на производители на грав „Пеликан“, живо јадро на локалната економија, тесно поврзано со земјата, со циклусот на сезоните, со сеењето и жетвата.
– Таму, природниот елемент го задржува своето значење и уметничките дела создаваат современа архива на материјата. Колкав е животот на материјата по нејзината индустриска употреба? Може ли „излишното“ повторно да стане вредно? Може ли уметноста да го излечи она што културата го отфрла? Можеби одговорот се крие на патот кон Тромеѓето (Три-Етнес), пишува во соопштението.
Во групната изложба учествуваат уметниците Киријаки Ангелидаки, Стратис Алванос, Софија Антонакаки, Елени Далака, Васко Ѓоргиев, Александрос Хаѕитимотеу, Стелиос Карас, Харис Кондосфирис, Константина Лазариду, Димитра Марини, Фотини Минадаки, Леонидас Николаидис, Марија Схина, Хрисанти Сиоти, Ставрула Стамку, Маргарита Цулуха и Дријант Зенели.
Изложбата се одржува паралелно со Меѓународниот музички фестивал TRIETHNÉS, што се реализира во поширокиот регион на Преспа од 28 до 31 август, во копродукција со Општина Преспа и под покровителство на Министерството за култура на Грција.