
Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски упати апел до граѓаните кои сметаат дека се оштетени во какви било кардиохируршки зафати во земјата, да поднесат жалби.
„Да се жалите – без да се пожалат, ништо нема да се реши. Нам ни требаат конкретни случаи, бидејќи сега има илјадници стентирани луѓе и ќе биде повеќегодишна работа ако тргнеме да проверуваме досие по досие. Апелирам секој еден граѓанин што е оштетен или мисли дека е оштетен со своите аргументи да поднесе претставка. Јас одговорно тврдам дека ќе ја истражиме и ќе одговориме – рече Клековски во гостување на Канал 5.
Тој вели дека во ФЗОМ имаат договор со јавни и приватни здравствени установи исклучиво во полето на кардиохирургијата, не во полето на кардиологијата.
„Повикот на Клековски доаѓа по неодамнешната изјава на кардиохирургот Сашко Кедев кој изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции – стентирања и операции, заради профит. По оваа изјава, Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји, кои ќе го проверат работењето во приватните здравствени институции. Ќе продолжат и контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
По изјавата на Кедев реагираше само приватната болница „Аџибадем Систина“ која го повика да каже кои конкретно приватни клиники вршат непотребни хируршки интервенции, а во спротивно најави тужба. На ова, Кедев одговори дека тужбата би била можност да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.