Утрински Весник
Македонија

Кривична пријава за случајот со демирхисарската гимназија – шест службени лица осомничени за злоупотреба

Maja lozanovska policija demir hisar1.jpg

Адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал во врска со настаните околу демирхисарската гимназија. Во пријавата тој наведува дека шест службени лица – градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски, директорката на училиштето назначена од него, двајца просветни инспектори и двајца полициски инспектори – организирале незаконски активности за разрешување на директорката Маја Лозановска, со цел да се овозможат партиски вработувања, пренесе „Телма“.

„Постои основано сомневање дека во периодот мај – август 2025 година, организирано и секој во свој домен, презеле дејствија за да се реализираат партиски вработувања по распишаниот оглас за 19 технички лица и наставен кадар,“ изјави Стеваноски.


Адвокатот детално ја опиша улогата на секој од пријавените. Според него, градоначалникот Најдовски побарал нов инспекциски надзор во гимназијата, иако претходно веќе имало контрола без забележани неправилности. Овој пат инспекторите утврдиле пропусти и истиот ден било донесено решение со кое Најдовски прво назначил нов директор, а потоа ја разрешил Лозановска, што довело до ситуација училиштето да има двајца директори.

Стеваноски дополнително тврди дека двајца полициски инспектори, без да спроведат претрес иако имале судска наредба, лажно пријавиле дека Лозановска ги уништила печатите на училиштето. Тие, според него, барале таа на носилки да оди на информативен разговор, иако била на боледување. „Овој случај е јасен пример за злоупотреба на службените функции за партиски цели,“ додаде адвокатот, нагласувајќи дека Државниот просветен инспекторат се користи како алатка за политички притисоци.

Десетина дена пред почетокот на учебната година, работата на гимназијата е речиси блокирана, бидејќи печатите се одземени од Обвинителството. Лозановска, која сè уште во Централен регистар фигурира како директорка, вели дека состојбата е критична:
„Во август се полагаше матура, а како ќе им издадат дипломи на матурантите? Вработените сè уште немаат земено плата. Дали некој се грижи за оваа ситуација и за учениците и наставниците?“

Ниту градоначалникот Најдовски, ниту Државниот просветен инспекторат не одговорија на понудениот простор за коментар за кривичната пријава и обвинувањата од Стеваноски и Лозановска.

Можете да прочитате

Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Царина и АХВ заедно против измами со увоз на храна – фер пазар за сите

Лашкоска: Во координација со Владата, забрзано и системски работиме на санација на хидросистемот Ѓавато