
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев, утринава на својот канал на Телеграм ја објави првата реакција на Москва по средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска.
Според него, средбата се одржала мирно и без закани или ултиматуми, како и дека е обновен „целосниот механизам за состаноци меѓу Русија и САД на највисоко ниво“.
Медведев тврди дека рускиот претседател лично и детално му ги презентирал на својот американски колега условите на Русија за прекин на војната во Украина. По речиси тричасовен разговор, како што наведува, Трамп се согласил засега да не го зголемува притисокот врз Русија.
Тој особено нагласи дека, според руската гледна точка, средбата покажала дека преговорите се можни дури и без никакви предуслови и паралелно со продолжувањето на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“.
„Клучно е двете страни директно да ја префрлат одговорноста за идниот исход од преговорите за прекин на непријателствата врз Киев и Европа“, напиша Медведев.