
Вечерва во Демир Хисар се одвива драматична полициска акција по наредба на јавен обвинител, при што се врши претрес на автомобилот и семејниот дом на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, пренесува 4news.mk.
За време на претресот, на лице место присуствувала и екипа на Брза помош, која констатирала дека Лозановска е на боледување и има покачен крвен притисок. И покрај тоа, началникот на полицијата во Демир Хисар инсистирал таа вечерва, на носилки, да биде пренесена во полициската станица за информативен разговор.
Според адвокатот на Лозановска, поканата за информативен разговор има рок од 15 дена и не мора да биде извршена веднаш. На видео што се појави на социјалните мрежи се гледа како пред куќата има медицински и полициски тим, а началникот изјавува дека „ако треба, ќе оди со амбулантно возило и на носилка во полициска станица“.
Иако наредбата за претрес важи за период од 15 дена, полицијата ја спровела акцијата токму вечерва – ден пред избори.
Според објавата на Инфомакс, градоначалникот на Демир Хисар наводно има намера да ја разреши Лозановска, за на нејзиното место да назначи партиски кадар.