
Уште шест лица во Појасот Газа починаа од глад и неухранетост во изминатите 24 часа, соопшти во понеделник Министерството за здравство на палестинската енклава. Со новите смртни случаи, бројот на жртви се искачи на 175, вклучувајќи 93 деца, соопшти Министерството. Египетската телевизија „Ал Кахира њуз“ претходно објави дека два камиони со 107 тони гориво ќе влезат во Газа.
Министерството за здравство на Газа предупредува дека недостигот на гориво значително го нарушил функционирањето на болниците, што значи дека лекарите можат да ги лекуваат само критично болните и повредените. Сè уште не е потврдено дали најавените камиони влегле во Газа.
Доставата на гориво до енклавата е ретка од март, кога Израел го ограничи пристапот до стока и хуманитарна помош, тврдејќи дека врши притисок врз милитантите на Хамас да ги ослободат преостанатите израелски заложници што ги киднапираа на 7 октомври 2023 година.
Извори од Хамас тврдат дека се украдени бројни камиони со помош
Израел го обвинува Хамас за страдањата во Газа, но по растечкиот притисок од меѓународната заедница, минатата недела објави чекори за испраќање помош до населението на енклавата, вклучително и прекин на борбите во делови од Појасот Газа, овластување за испраќање помош по воздушен пат и заштита на одредени правци за хуманитарни конвои.
Обединетите нации предупредуваат дека испраќањето помош од воздух не е доволно и дека Израел мора да дозволи многу поголем пристап по копно. Канцеларијата за медиуми на владата во Газа денес објави дека од ублажувањето на ограничувањата во јули, речиси 1.600 камиони со помош влегле во енклавата. Сведоци и извори од Хамас тврдат дека многу од нив биле украдени од вооружени банди и гладни жители.
Палестинските власти соопштија дека најмалку 40 лица се убиени во воздушните напади низ енклавата денес. Меѓу загинатите има и луѓе кои се обидувале да стигнат до центрите за дистрибуција на помош, соопштија здравствените власти. Вработен во Палестинската црвена полумесечина, исто така, бил убиен. Хуманитарната организација соопшти дека првиот кат од нејзината зграда бил запален во воздушен напад врз нејзиното седиште во Кан Јунис.