Утрински Весник
Економија

Легализирана измама под маска на домување – Граѓаните плаќаат, услуги нема!?

Black white grayscale building construction presentation.jpg

Иако Законот за домување е донесен уште во 2009 година со цел да се воведе ред во управувањето со колективните станбени згради, бројни граѓани од Скопје сe почесто се жалат дека токму фирмите ангажирани за таа намена не си ја вршат работата. Наместо уредно одржувани влезови и редовна техничка поддршка, добиваат нефункционални лифтови, хидранти кои со години не се проверени, неосветлени и нечисти скали, покриви што прокиснуваат и најчесто тишина на сите пријави до надлежните институции.

„Плаќаме месечно за одржување, а влезот ни е валкан, светлата не работат, пожарните апарати не се проверуваат со години, а хидрантите се ‘музејски примероци’. Дури ни на итни пријави за протекување од покрив никој не реагира,“ се пожали жителка од скопската населба Аеродром во свој статус на Фејсбук.


Се посочува и дека резервните фондови, за кои станарите редовно уплаќаат пари, често се ограбени или ненаменски потрошени, без никаква финансиска транспарентност. Иако Законот наложува редовно годишно известување и план за одржување, жителите велат дека тоа останува само на хартија.

Инспекциските служби, според нив, ретко реагираат, а дури и кога ќе се утврди прекршување, санкциите се минимални и без реална последица. „Живееме во држава во која законите не важат еднакво за сите. Управителите се однесуваат како да се над законот, а институциите како да не постојат“, додава станарката.

Таа вели дека се обидува да добие одговор и од Државниот инспекторат за домување, но засега безуспешно: „Чекам е-пошта, чекам одговори, но како ѕид да има пред мене. Мајка ме родила со глава у ѕид, но не се откажувам.“

Сe погласни се и гласовите дека зад некои од фирмите управители стојат блиски врски со институции, а непостапувањето е резултат на клиентелизам и профитерство.

„Вреди ли да се влечеш по судови за елементарна хигиена и основна грижа за зграда? Или да се откажеш и да им дозволиш да продолжат да се богатат на наш грб? Борбата за правна држава е света, но колкумина навистина ја сакаат оваа држава?“, завршува своето сведоштво огорчената граѓанка.

Ова е само едно од многуте сведоштва што сe почесто излегуваат на површина, сигнал дека системот за домување и контрола на управителите има сериозни пропусти. Време е институциите конечно да реагираат.

Можете да прочитате

Николоски очекува раст на БДП од 3,7 проценти

Мицкоски: Најавувам 8 нови инвестиции за нови вработувања и посилен стандард

Советот на Народната банка го усвои најновиот Квартален извештај − најважните сегменти од економијата се во согласност со очекувањата