Утрински Весник
Македонија

Четири пожари се уште се активни: Ветрот ги шири огновите, но 15 се целосно изгаснати

Pozar 3.webp.webp

Македонија повторно е зафатена од бран пожари, вкупно 22 се евидентирани на отворен простор низ државата, според последните податоци на Центарот за управување со кризи заклучно 8:00 часот. Од нив, четири се сѐ уште активни, три се ставени под контрола, а петнаесет се целосно изгаснати.

Моментално, најсериозна е состојбата во општината Василево, каде во близина на селото Нивичино, гори нискостеблеста шума со смрека, густи грмушки и сува ниска вегетација. Пожарот брзо се шири поради ветерот и сувото време.


Во Македонски Брод, две одделни жаришта го зафаќаат теренот. Едниот пожар е во с. Грешница, каде пламените јазици зафатиле мешана шума и трева, додека вториот беснее меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде гори деградирана дабова шума, грмушки и тревна покривка. Огнот се движи во неколку правци и претставува сериозна закана за шумскиот екосистем.

Сериозна е и ситуацијата во Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и нискостеблеста вегетација. Пожарникарите и локалното население се обидуваат да го задржат пожарот на непристапниот терен.

Од пожарите кои се ставени под контрола, најголем е оној кај Желино, кој се проширил кон планината Жеден. Таму гореле нискостеблеста шума, грмушки и трева, но интервенцијата на пожарникарите го стабилизирала фронтот. Слична е состојбата и во Велес, кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, каде огнот зафатил деградирана шума. Во Струга, пожарот кој избувнал помеѓу селата Октиси и Белица, каде горела сува трева, исто така е под контрола.

15 пожари се целосно изгаснати, вклучително и оние во селата Студеничани, Долно Свиларе, Горно Коњари, Селце, Бунеш, Слатина, Слупчане, Псача, Железница, и на неколку урбани и индустриски локации како Виница, Куманово, Кратово, Гостивар и Ресен. Иако гасењето на некои од нив било отежнато поради тежок терен и ограничен пристап, интервенцијата била успешна.

Надлежните апелираат до граѓаните да не палат стрништа, отпад или оган на отворено, бидејќи временските услови се крајно ризични за нови пожари.

Можете да прочитате

Битиќи: Неразвоен Буџет за предизборен поткуп, власта без слух за реалните потреби на граѓаните

Земјотрес ја потресе Македонија вечерва

ВОНРЕДНО: Екстремно во Македонија, во петок и во сабота температури до околу 45 степени!