Утрински Весник
Македонија

„Панили“ ја објави „Автобиографија“ од Марко Цепенков по повод 105-годишнината од неговото упокојување

20250720093218 big 730x400 96.webp.webp

Книгоиздавателството „Панили“  ја објави „Автобиографија“ од Марко Цепенков, најпознатиот македонски собирач на народни умотворби, со што ја одбележува 105-годишнината од неговото упокојување. „Автобиографија“, напишана во 1896 година, е издание со кое неговото дело се доближува до новите генерации на XXI век.

– Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има најдолга запишувачка практика – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите собирачи на македонските народни умотворби (Браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ), кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и творби што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Цепенков е најголемиот собирач на македонски народни умотворби, како што истакнува и Раде Силјан во обемниот поговор на ова издание.


Во вкупниот број публикувани и непубликувани дела од фондот на Цепенков можат да се набројат повеќе од 5 500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2 900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и сл.).

Неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на животот и обемното собирачко дело на Цепенков. Но, едновремено, таа не е само животна приказна, туку е и комплетно авторско дело коешто треба да биде еден од клучните изворници за македонскиот XIX век. Имајќи предвид дека ова издание на „Панили“ има за цел „Автобиографија“ на Цепенков да ја доближи до новите генерации, подготвено е на начин што овозможува негова достапност и разбирливост и за најмладите.

– Марко Цепенков се вбројува меѓу најголемите европски собирачи. Но, неговата големина не е само во бројот на собраните приказни. Важен е фактот дека е тој своевиден креатор во обликувањето на приказните, на кои им давал свој личен печат. Во тој свој принцип не се разликува многу од големите европски собирачи (Браќата Грим, А. Н. Афанасјев, Андерсен и др.). За разлика од нив, Цепенков повеќе се придржувал кон изворноста на јазикот и кон народната приказничка традиција, истакнато е меѓу другото во поговорот на Силјан.

Блаже Конески многу прецизно укажува дека за Цепенков можеме да зборуваме надвор од вообичаените, клиширани претстави за собирачите и треба да го прифатиме како зачетник на белетристиката кај нас. Впрочем, таквиот однос се покажува и преку ова издание на „Панили“. Цепенков излегува од рамките на голото регистрирање на настаните и се наметнува како творец со одредени креативни амбиции, па затоа мора да му се одреди статусот на вистински родоначалник на македонската прозна мисла, проткаена со приказни инспирирани од народниот дух, во кој се отсликува со сите лоши и добри страни животот на обичниот човек, на селанецот.

– Приказната за „Силјан Штркот“ е најубавиот предглас на индивидуалното македонско уметничко прозно творештво. Во овој круцијален текст до особен израз доаѓа смислата за прозна композиција, градена од уверливи и силно прифатливи животни епизоди. Оваа приказна иако, е во дослух со магиските и со митските фактори, таа не е морализаторска, туку поетско-алегориска. Во неа е понуден говор во голем жанровски распон и е предадена широка слика на одредена и препознатлива цивилизациска средина, посочува меѓу другото Раде Силјан.

Објавувањето на „Автобиографија“ од страна на „Панили“ е прво одбележување на 105-годишнината од упокојувањето на Марко Цепенков. Изданието веќе е достапно во книжарницата на „Матица македонска“.

Можете да прочитате

Одобрено обвинението за Онкологија, Васев и Нухи го оштетиле буџетот за скоро 36 милиони евра

Власта се пофали дека реализирала 950 нови вработувања во здравството

Пожар во близина на Струга, тројца пожарникари завршиле во болница