
Родителите на загинатите деца во трагичниот пожар во дискотеката „ПУЛС“ – Кочани, јавно се огласија преку социјалните мрежи, споделувајќи шокантни детали од средбата со премиерот Христијан Мицкоски, која се одржа во понеделник (07.07.2025) во Владата на Република Северна Македонија.
Како што наведуваат родителите, средбата била свикана на иницијатива од Владата, откако тие на 1 јули испратиле официјално барање до државниот врв – премиерот, претседателката и претседателот на Собранието. И покрај нивната молба средбата да се одржи во Кочани, местото на трагедијата, од кабинетот на премиерот им било соопштено дека безбедносните причини не дозволуваат тој да патува, па состанокот мора да се одржи во Скопје.
На средбата присуствувале околу 60 родители и блиски на починатите млади. Очекувале сочувство, разбирање и подготвеност за соработка. Но, како што самите наведуваат, биле пречекани со студен и површен однос. Посебен шок и револт предизвикале зборовите на премиерот, кога одговарајќи на точката од барањето за еднократна парична помош, изјавил:
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“
„Тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство“, стои во јавниот повик на родителите, кои тврдат дека не се дојдени со политички агенди, туку бараат елементарна правда за изгубените 62 животи во, како што велат, „најцрниот ден на македонската држава“.
Родителите изразуваат длабоко незадоволство што премиерот на средбата рекол дека го гледа нивното барање за првпат, иако уште на 3 јули од неговиот кабинет им било потврдено дека документот е разгледан. Дополнително, неговата портпаролка објаснила дека документот бил заведен, препратен, и дури на самиот ден на средбата – врачено до премиерот.
„Ако животите на нашите деца имаат цена, нека дојде некој и нека ни ја каже. Ние не сме тие што ќе ја одредиме,“ порачуваат родителите, повикувајќи на човечност, отчетност и правда.
Во обраќањето остро ја критикуваат институционалната нефункционалност, потенцирајќи дека и по четири месеци од трагедијата – судскиот процес не започнал, осомничените се слободни, а институциите „си тераат како ништо да не се случило“.
„Нашите деца молчат, но нашите гласови зборуваат за нив. И нема да замолчиме,“ порачуваат членовите на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани.
Ова потресно и жестоко јавно обраќање е апел, но и предупредување – дека борбата за правда дури сега започнува.