Утрински Весник
Македонија

Семејствата на жртвите од „Пулс“ против концертот за Петровден – Крстевски откажа, но беше исвиркан

Img 2246.jpeg

Вечерва во Кочани се одржува протест предводен од семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во март. Учесниците на протестот се противат на одржувањето на концерт во градот, закажан за утре на верскиот празник Петровден, кој традиционално се смета за неофицијален празник на Кочани.

На протестот се појави и вршителот на должноста градоначалник Венко Крстевски, кој пред присутните објави дека Општина Кочани донела одлука да го откаже најавениот музички настан. Но и покрај тоа, беше дочекан со остри реакции – семејствата на жртвите му го свртеа грбот и го исвиркаа, изразувајќи гнев и разочараност.


Подоцна вечерва, Крстевски објави и официјално соопштение на своите канали, во кое ја образложи одлуката:

„Почитувани сограѓани, животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот.“

Тој додаде дека иако одлуката била донесена по консултации и со добра намера, сепак ја преиспитал „водејќи се од вашите емоции и потребата да се движиме напред“.

Трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“, во која животите ги загубија млади луѓе од Кочани, и понатаму предизвикува длабоки емоции и реакции во јавноста. Петровден годинава доаѓа во сенка на болката, а секоја јавна прослава останува прашање на чувствителен баланс меѓу тагата и потребата за враќање на секојдневието.

Можете да прочитате

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства, македонската економија ќе биде на удар 

Финансиска му поднесе кривична на поранешен директор на „Пошта“ за предизвикана штета од речиси 11 милиони денари 

Нови 100 амбулантни возила добива итната медицинска помош во државата, преговори за уште 50 дополнителни