
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во емисијата Отворено на Телевизија 24, остро реагираше на повторното отворање на прашањето за македонскиот јазик и идентитет во најновиот извештај на Европскиот парламент.
„Ова прашање беше затворено и институционално потврдено. Во скрининг процесот се користеше македонски јазик, со официјални преведувачи во Европската Комисија. Имаме и билатерална изјава која го гарантира нашиот јазик со сите негови особености и дијалекти. Бевме пред добра ситуација, да добиеме признание за нешто што веќе беше затворено и потврдено и во Европскиот парламент. Како што кажав, тоа беше затворено прашање, а сега треба да се запрашаме како и зошто повторно е отворено?”, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцира дека во Извештајот за првпат изостанува јасно наведување на македонскиот јазик, што е резултат на организирана реторика и притисок од бугарските европратеници.
„Но, како што кажа и самиот известувач, овој процес беше обременет од бугарските европратеници, од нивната реторика, и со нивното здружено дејствување се дојде до ваква ситуација каде што во овој извештај, а мислам дека ова е првпат во еден извештај од релевантна европска институција да не се спомнува македонскиот јазик и идентитет”, рече таа.
Според Костадиновска-Стојчевска, од една страна е добро што се усвоија препораките содржани во Извештајот на известувачот Томас Вајц, но од друга страна однесувањето на бугарските европратеници ќе остане запаметено како преседан кој остава горко чувство кај сите Македонци.