Утрински Весник
Свет

Амнести Интернешнл: Израелскиот предлог за „хуманитарен град“ е намера за воени злосторства

Gaza7.jpg

Организацијата за човекови права Амнести Интернешнл денеска го осуди израелскиот предлог за преселување на Палестинците во „хуманитарен град“ во урнатините на Рафа, велејќи дека тоа претставува „декларација за намера да се извршат воени злосторства и злосторства против човештвото“.

„Преселувањето на Палестинците во Газа, или нивната депортација против нивна волја, би претставувало воено злосторство на незаконско преместување или депортација. Покрај тоа, кога е извршено како дел од широко распространет или систематски напад врз цивилното население, тоа исто така би претставувало злосторство против човештвото“, соопшти Амнести на X.


Организацијата додаде дека меѓународната заедница не смее да даде поддршка на незаконското разместување и депортација на Палестинците, бидејќи во спротивно би била соучесник „во меѓународните злосторства на Израел“.

„Тоа што ваквите закани за извршување воени злосторства и злосторства против човештвото се изрекуваат толку бесрамно е симптом на неуспехот на светските лидери да ги повикаат Израел и неговите лидери на одговорност за геноцид и други злосторства“, се додава во соопштението.

Претходно оваа недела, израелскиот министер за одбрана Израел Кац најави план за преместување на до 600.000 Палестинци од Газа во одредено „хуманитарно подрачје“ во урнатините на јужниот град Рафа. Пристапот до кампот би бил можен со строги безбедносни проверки за да се осигури дека тие што ќе влезат не се оперативци на Хамас.

Кац рече дека израелската војска ќе го затвори тоа подрачје и оти на Палестинците нема да им биде дозволено да излезат, а планот е таму на крајот да се сместат сите 2,1 милион Палестинци кои моментално живеат во Појасот Газа.

Можете да прочитате

Украина им дозволи на мажите на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат земјата за првпат од почетокот на војната

Трамп најави дека ќе воведе смртна казна за секое убиство во Вашингтон

НАТО распореди германски борбени авиони поради руско присуство во Балтичкото Море