Утрински Весник
Македонија

Oтворен генерален конзулат на Албанија во Струга

1751972777 large.webp.webp

Република Албанија е наш сосед, регионален партнер во НАТО и сојузник, а односите и соработките меѓу двете земји се засновани на взаемна доверба, почит и посветеност за реализирање на стратешките цели на двете држави во рамки на процесот на евроинтеграција. Тоа го истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на отворањето на Генерален конзулат на Албанија во Струга со албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани. На настанот присуствуваа и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, заменик министерот за правда Ален Деребан, пратеници…

Отворањето на Генералниот конзулат во градот на поезијата, според Муцунски, нема да претставува само институционално присуство, туку ќе биде и силен мост на комуникација меѓу, како што рече, две пријателски и соседни држави и симбол на блискост, заемно разбирање и соработка.


– Генералниот конзулат ќе им овозможи на граѓаните полесен пристап до конзуларни услуги и поблиска врска со институциите на двете земји, што е особено значајно за луѓето кои секојдневно се движат преку границите поради семејни врски, бизнис, транзитирање или туризам. Тоа, пак, ќе придонесе за засилен економски и туристички развој, како и поголема културна размена. Отворањето на овој Конзулат е уште една вредна алка во богатата мозаична слика на одличните односи кои ги негуваме веќе подолг временски период, нагласи Муцунски.

Отворањето на Генералниот конзулат на Албанија во Струга, за албанскиот министер Хасани, не е само дипломатски потег, туку, нагласи, конкретен знак за посветеноста да бидат поблиску до нивните граѓани, да ги зајакнат врските помеѓу двете земји и да ја продлабочуваат соработката во регионот што бара стабилност, развој и економска иднина.

– Во време кога движењето на нашите граѓани се зголеми значително како заради туризмот, така и заради сезонски и економски ангажмани, потребите за конзулски услуги стануваат се повеќе итни. Овој Конзулат нема да биде само канцеларија за документи, туку функционален мост меѓу државата Албанија и нејзините граѓани, просторија што ги приближува услугите и ја потврдува институционалната грижа, рече Хасани.

Конзулатот, посочи, ќе се прошири и за Охрид, Битола, Кичево, Дебар, Ресен и други региони, со цел полесен пристап кон услугите и поврзаноста на албанските заедници со својата матична држава.

Претходно, министрите Муцунски и Хасани имаа тет-а-тет средба во Охрид, во чиј фокус, како што соопшти МНР, биле унапредувањето на добрососедските односи и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во сите области од заемен интерес.

Можете да прочитате

Македонец и Албанец осудени за брутално убиство во Малта – едниот со 40 години, другиот доживотно

Арсовска: Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци на вода, МВР мора да постапува!

Хеликоптерот на МВР исфрли повеќе од 30 тони вода во реонот на Дојран