Утрински Весник
Македонија

Зошто се двојните стандарди во Извештајот?

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

По однос на последниот Предлог Извештај за Македонија (A100118/2025 – Motion for a Resolution) кој е на дневен ред во Европскиот парламент би сакал да верувам дека тој во одредени негови делови (заклучоци препораки, размисли и ставови) не претставува индиректен напад и вперување прст кон Македонија, туку дека истите треба да се протолкуваат како предупредување упатено кон поединци во власта и опозицијата. Предложениот Извештај не е критика кон македонскиот народ или целата влада, туку претпоставувам дека се работи за сигнал за загриженост поради евентуални дејствија кои можат да го загрозат патот на државата кон ЕУ. Колку тие сигнали и констатации се реални, ќе се обидам објективно и детално да ги елаборирам во текстот подолу.


Во Став (Paragraph) 56 од Извештајот се укажува дека Македонија и други земји од регионот се изложени на хибридни закани, странско влијание и дезинформации, особено од Русија и Кина. Спомнати се и сомнителни финансиски активности, како заемот од Унгарија преку наводно кинески извори, како и политичко приближување кон држави што ја поддржуваат геополитичката агенда на Москва и Пекинг.

Во Став (Paragraph) 80, се предлага Европскиот парламент да изрази загриженост поради учество на некои македонски функционери на настани поврзани со концептот „Српски свет“, на што се гледа како обид за создавање сфера на влијание во регионот која го поткопува суверенитетот и стабилноста на државите на Западен Балкан.

Геополитичките влијанија – комплетна слика

Би било коретно и објективно во Извештајот да се споменат сите други значајни актери кои имаат или се обидуваат да влијаат во регионот, но другите ги нема. Така на пример, иако Обединетото Кралство не е членка на ЕУ, преку билатерални договори и кредити настојува да го зголеми своето влијание во државите кои предендираат или се на прагот на ЕУ. Дополнително, не се споменува и улогата на Република Турција, која преку економски, политички и културни врски се повеќе го засилува своето присуство во Западен Балкан.

Секоја држава која обезбедува поволни кредити, инвестиции или инфраструктурна помош, тоа не го прави без одредени очекувања и интерес, без разлика на тоа дали тоа е економско влијание, геополитичка лојалност, или долгорочна стратешка зависност. Тоа важи и за Кина, и за Турција, и за ЕУ, и за САД. Разликата е најчесто во формата и транспарентноста на влијанието, а не во самото постоење на интересот. Меѓутоа во Извештајот особено се критикува влијанието на Кина, додека влијанието на Велика Британија и Турција не се третира со иста длабочина, што создава впечаток на практикување двојни стандарди. Жално е што овие т.н стандарди произлегуваат од моменталната перцепција, која се менува според стратешките приоритети во зависност од економската моќ и глобалната амбиција на конкурентната држава во одреден момент и време.

Според оваа логика во иднина станува дискутабилна соработката со земји како на пример Обединетите Арапски Емирати, со кои Македонија веќе воспостави продлабочени економски односи. Македонија годинава ја интензивираше соработки со ОАР, особено во сферата на: инвестиции во енергетика, земјоделство и инфраструктура, финансиски инструменти со поволни услови и стратегиски договори за развој на индустриски зони. Овие соработки ние, граѓаните, ги доживуваме како прагматичен избор на мала земја која има ограничен пристап до ЕУ фондовите Но, како што стојат работите гледано од перспектива на Европскиот парламент логично и неминовно е да го поставам прашањето: Дали ОАР која сака да инвестира во Македонија ќе биде следната „ризична земја“ или непосакувана за Брисел?. Дали ќе се постави прашањето за целта на интересите на ОАР? А целите горе долу се исти кај сите држави финансиери. И најверојатно – да, ако соработката се поврзе со политички влијанија, тајни договори или финансирање на чувствителни проекти без транспарентност. Многумина не знаат дека ОАР се перципира како конкуренција на европските економски интереси, особено кога се вклучува во критични сектори како економија, енергетика, индустрија, земјоделие или финансирање во медиуми. Што правиме доколку во блиска иднина и Индија се заинтересира да финансира во Македонија?

Доколку Европскиот парламент продолжи со селективен пристап, игнорирајќи ги добрите практики и транспарентните договори, тоа може да испрати конфузна порака до земјите-кандидатки: дека нивниот суверен избор на партнери може да биде проблематизиран, дури и кога е легитимен и во рамки на европските вредности. Зошто тогаш фокусот е првенствено врз Кина и Русија? Дали тоа е објективна загриженост или селективна геополитичка реторика? Ваквиот пристап отвора сомнеж за двојни стандарди и нерамноправен третман на влијанието на другите сили.

Илустрација на нашиот односот кон странските влијанија

Република Македонија, како земја што цврсто ја брани својата сувереност и евроатлантските интеграции, одамна протера поголем број руски дипломати од државата заради неприфатливото влијание и мешање во внатрешните работи на земјата. Македонија покажа политичка зрелост и лојалност, а Европа тоа го поздрави. Тоа беше јасен сигнал дека државата нема да толерира неприфатливо странско мешање. Овој потег ја потврдува определбата кон евроатлантските вредности и заштита на националната безбедност. Република Македонија е решена да ги заштити своите демократски процеси и национална безбедност и јасно го искажува и практицира ставот против хибридните закани и дезинформациите потенцирани и во Извештајот доставен до Европскиот парламент. Во Република Македонија нема голема руска инвестиција во последниве дваесеттина и повеќе години.

Хиперболизација на појавата „Српски свет“

Поимот „Српски свет“ сè почесто се појавува во политичкиот и медиумскиот дискурс на Балканот, често придружен со контроверзии и различни толкувања. Во суштина, се работи за идеја што повремено ја промовираат српски политички и интелектуални кругови, а се однесува на културно, духовно, па и политичко обединување на Србите низ регионот, концепт кој кај некои предизвикува асоцијации на експанзионизам, а кај други на национална консолидација.

Од таа перспектива, се поставува прашањето: Дали „Српскиот свет“ претставува реална или потенцијална закана за Македонија? Мојот став е дека станува збор за комплексна и повеќеслојна појава, чиј централен фокус е пред сè внатрешната консолидација на српскиот идентитет, особено во контекст на Косово, Црна Гора и Република Српска. Во однос на Македонија, сметам дека тежиштето на оваа идеја е маргинално, а појавите се поединечни, инцидентни и често медиумски хиперболизирани. Затоа ја квалификувам како бенигна закана, не затоа што не постои, туку затоа што не претставува реална и масовна стратегија насочена кон Македонија.

Оваа моја оценка ја темелам на конкретни факти од билатералните односи: Република Македонија го призна Косово, што предизвика незадоволство во Србија, но тоа не доведе до прекин на дипломатски или економски односи. Напротив, соработката продолжи на повеќе фронтови. Дури и во моменти на политички разлики (на пример, гласањето на Македонија во ОН спротивно на интересите на Србија), соработката не беше прекината, што укажува на зрел и прагматичен билатерален однос.

За време на пандемијата, Србија беше еден од првите партнери што испрати вакцини во Македонија, се работи за чин на солидарност и прагматична регионална поврзаност. Бројните потпишани договори во рамките на Отворен Балкан, зголемување на меѓусебната економска соработка, затворањето црковното прашање со признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ и заедничките литургии, заедничкото чествување на АСНОМ во Прохор Пчински, заедничката соработка во решавањето на енергетската криза се нормални придобивни за граѓаните на овие две држави. Сите тие заедно покажуваат јасна желба за надминување на историските поделби, наместо нивно продлабочување и сведочат за функционални, а не идеолошки односи. Случајот со трагедијата во Кочани, каде Србија веднаш испрати помош, уште еднаш го потврдува елементот на солидарност.

Секако, не треба да се игнорира дека постојат политички актери и медиуми и во Србија и во регионот кои повремено ја експлоатираат реториката на „Српски свет“. Меѓутоа, тие ретко добиваат институционална поддршка или масовна прифатеност надвор од специфични контексти како Црна Гора или Република Српска. Во тој контекст, генерализирањето и претераното нагласување на „Српскиот свет“ како закана за Македонија не придонесува за регионалната стабилност, туку може да поттикне недоверба, националистички реакции и вештачки конфликти. Наместо тоа, потребно е да се препознае разликата помеѓу реална стратегија и идеолошка фразеологија. Затоа на поимот „Српскиот свет“ може да се гледа како идеолошка рамка со ограничено влијание во Македонија, која во реалната политика не се рефлектира како систематска закана. Примарно е насочена кон внатрешни и блиски регионални прашања, пред сè Црна Гора и Република Српска. Добро е што во македонскиот контекст, се чини дека практичната соработка, економскиот интерес и добрососедските односи надвладуваат над идеолошките проекции.

Значи реалноста е поразлична од нотираното во Извештајот. Мене ме чуди зошто никој не го постави прашањето: Зошто и кој всушност вака ,,храбро’’ стои зад вака предложените необјективни заклучоци по однос на Македонија? Дали се работи за реална геополитичка стратегија со централизирано влијание, или пак за медиумски конструирана фикција која служи за внатрешно-политичко плашење и надворешна геостратегиска калкулација?

Резиме: Во услови кога државата е изложена на обиди за кинеско економско присуство, руско дипломатско влијание и не секогаш транспарентна европска поддршка, неопходно е трезвено да се постават прашањата: каде е границата помеѓу перцепција и реалноста?. Зошто Република Македонија која води доволно јасна и конзистентна политика кон ваквите предизвици честопати непотребно се етикетира и тоа многу пати во минатото, но зошто и овој пат?

Во контекст на погоре напишаното јас ќе истакнам неколку мои клучни дилеми за Македонија и регионот: Прво: Зошто Европската Унија не обезбедува доволно поволни финансиски инструменти и кредити за да го намали влијанието на други геополитички актери?. Второ, Зошто процесот на европска интеграција е бавен и комплексен, што отвора простор за надворешни влијанија? и Трето: Како Македонија може да ги искористи понудите на различни партнери, а притоа да го заштити својот суверенитет и европската перспектива?

Пријатели од ЕУ едно мора да знаете. Македонските граѓани сакаат стабилна, независна и европска Македонија, слободна од туѓи геополитички игри и влијанија. Само преку јасна, транспарентна и одговорна политика кон сите геополитички актери, како и преку брз и сигурен пат кон членство во ЕУ, може да се обезбеди безбедна и просперитетна иднина за Македонија. И покрај сите нанесени неправди кон Македонија од страна на земји членки на ЕУ, како и сите отстапки кои ги направи Македонија на патот кон ЕУ, ние и понатаму остануваме на истиот пат.ж

Да бидеме фер, искрени и транспарентни едни кон други. Зошто господа почитувани претставници на Европскиот парламент внимателно не ги изанализирате традиционалните политички и историски и сегашни релации помеѓу одредени земји членки на ЕУ, особено Германија и Бугарија, бидејќи токму преку тие канали можно е да се проектираат политики што не секогаш се во интерес на стабилноста и европската перспектива на Македонија. Затоа, господа од ЕП неопходна е будност и спречување на сите форми на прикриен национализам или неформални сојузи што можат да ја искриват европската рамка на еднаквост и меѓусебна почит.

Можете да прочитате

Мицкоски: Македонија нема алтернатива освен да одиме напред

Бројот на поплаки од семејствата на повредените во Кочани е значително намален, огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата,вели Клековски

Сиљановска Давкова: Идентитетот не може да се препознае низ ајварот, виното и пунџурот, верувам дека изјавата на Кос е несреќна и случајна