
Како и на претходните Самити и на денешниот во Брисел, лидерите на земјите членки на ЕУ не постигнаа консензус за предложените заклучоци за Украина.

Во усвоениот текст што ќе биде вклучен во завршните заклучоци од Самитот се посочува дека Европскиот совет ги разгледа најновите случувања во врска со Украина, дека разменил мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека ќе се врати на ова прашање на својот следен состанок.
Сепак, од Самитот е објавен т.н. „документ ЕУЦО 16/25“ кој бил „цврсто поддржан од 26 шефови на држави или влади“ и кој всушност ги содржи предложените заклучоци за Украина, но тој нема да биде дел од завршниот документ на Европскиот совет.
Во „документот ЕУЦО 16/25“ се наведува дека Европскиот совет ја повторува својата поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина врз основа на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и ги поздравува сите напори за постигнување таков мир, вклучително и оние на САД.
– Европската Унија и нејзините земји членки ќе продолжат да придонесуваат кон сите овие мировни напори, вклучително и преку интензивирање на нивниот глобален дострел, во согласност со целта на Европската Унија да промовира мир, како што е загарантирано во Договорите, се наведува во документот.
Во него се осудува „континуираното бомбардирање на цивили и цивилна инфраструктура од страна на Русија“ и се повикува на целосен, безусловно и итно прекин на огнот.
– Европскиот совет ја поздравува подготвеноста на Украина во овој поглед и ја повикува Русија да покаже вистинска политичка волја да ја прекине својата агресивна војна, да се согласи на такво прекин на огнот и да се вклучи во значајни преговори, се додава во текстот.
Во документот се посочува дека ЕУ е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија доколку е потребно, вклучително и со нов робустен пакет санкции, меѓу кои и начини на дополнително пренасочување на приходите руските енергенси.
„Документ ЕУЦО 16/25“ ја нагласува важноста на дистрибуцијата на хуманитарна помош и на мерките за градење доверба, особено размената на воени заробеници, ослободување на цивилите и враќање на „сите киднапирани украински деца и други цивили незаконски депортирани и префрлени во Русија и Белорусија“.
– Европскиот совет ја потврдува својата континуирана и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници. Во согласност со пристапот „мир преку зајакнување“, кој бара Украина да биде во најсилната можна позиција, со свои силни воени и одбранбени капацитети како суштинска компонента, Европската Унија ќе продолжи да обезбедува, во координација со истомислечките партнери и сојузници, сеопфатна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ, се додава во текстот.
Во него се повикуваат земјите членки на ЕУ да продолжат да ги засилуваат напорите за задоволување на итните воени и одбранбени потреби на Украина, особено испораката на системи за противвоздушна и одбрана од дронови, како и муниција од голем калибар, со цела да и помогнат на земјата во остварувањето на „своето вродено право на самоодбрана, за заштита на своите граѓани и територија од засилените секојдневни руски напади“. Дополнително, се нагласува и важноста од натамошна поддршка и развој на одбранбената индустрија на Украина и нејзина интеграција со европската одбранбена индустрија.
– За мирот да трае, сеопфатниот мировен договор ќе мора да биде придружен со цврсти и веродостојни безбедносни гаранции за Украина за одвраќање на идната руска агресија. Европската Унија и земјите членки се подготвени да придонесат за безбедносните гаранции, особено со поддршка на способноста на Украина да одвраќа агресија и ефикасно да се брани, во согласност со меѓународното право. Европската Унија и земјите членки се посветени на придонес во обуката и опремувањето на украинските вооружени сили за оваа цел, се вели во документот.
Во текстот се наведува и решеноста за „ограничување на способноста на Русија да продолжи да ја води својата агресивна војна“ и се поздравува усвојувањето на 17-тиот пакет санкции. При тоа, се повикува на брзо усвојување на нов пакет санкции и натамошно задржување на замрзнатите руски средства.
Натаму во документот се осудува поддршката на Русија од трети земји, како Иран, Белорусија и Северна Кореја и се нагласува дека ЕУ ќе продолжи да и обезбедува на Украина редовна и предвидлива финансиска поддршка на долг рок.
-. Европската Унија останува посветена, вклучително и како дел од патот на Украина кон пристапување кон ЕУ, на поддршка на нејзината обнова, закрепнување и реконструкција, во координација со меѓународните партнери, вклучително и во областите на психолошка и психосоцијална рехабилитација и зголемена помош за деминирање, се наведува во документот.
Во предложените, но неусвоени заклучоци, се потврдува силната посветеност на ЕУ за обезбедување целосна одговорност за воените злосторства и другите најтешки злосторства извршени во рамки на агресивната војна на Русија против Украина.
Европскиот совет го повторува вроденото право на Украина да решава за својата судбина, врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право. Европската Унија останува непоколеблива во својата поддршка на патот на Украина кон членство во ЕУ. Европскиот совет ја пофалува Украина за темпото на реформите поврзани со пристапувањето во најпредизвикувачките околности, го поздравува значајниот постигнат напредок и ги охрабрува Украина и Комисијата да ја интензивираат работата во процесот на пристапување. Европскиот совет го поканува Советот да ги преземе следните чекори во процесот на пристапување во согласност со пристапот базиран на заслуги, со отворање на кластери кога ќе бидат исполнети условите. Позитивно се нотира оценката на Комисијата дека кластерот „Фундаментални вредности“ е подготвен за отворање, се додава во „документот ЕУЦО 16/25“.
На претходните Самити Предлог-заклучоците за Украина не беа усвојувани поради противење на Унгарија на нивната содржина.