Утрински Весник
Македонија

Отворање на фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“

20250602172428 big 730x400 86.webp.webp

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ денеска свечено ќе биде отворен во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“, голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.

Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, како што соопштија организаторите од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.


Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и во партнерство со Тиииит! Инк., Музејот на современата уметност – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите.

Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand
Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, стои во соопштението, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во
Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.

Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување.

Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.

– Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам. Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панкелементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија, се вели меѓу другото во соопштението.

На 4 јуни во КСП Јадро, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот, се посочува во соопштението, ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.

Можете да прочитате

Во Загреб изложба на фотографии во чест на 50 години соло кариера на Влатко Стефановски

ИЈЗ со препораки за заштита на повозрасните од топлотниот бран

Пожар во општина Старо Нагоричане