Утрински Весник
Македонија

Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител: Замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА

20250601090743 big 730x400 52.webp.webp

Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, чувствуваме обврска да се обратиме со зборови на љубов и духовно расудување.

Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија.


Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почива нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж!

Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок.

Во Бигорската Обител никогаш не сме се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот. Зашто и највисокото место е залудно, ако не се претвори во служење и полза за Народот и Црквата. А и најскромното може да биде возвишено, ако од него извира љубов, тивка жртва и светлина. Затоа, не чувствуваме ниту навреда, ниту понижување, туку достоинство што доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела. Нашата радост е во народот што се преобразува, во младите што се враќаат на верата, во солзите што се претвораат во надеж и во натамошниот раст на нашата МПЦ-ОА. И во тоа, тивко, но сигурно, со уште поголема жар продолжуваме!

Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива.

Со благослов,
Братството на Свештениот Бигорски Манастир

Можете да прочитате

Ребалансот на Буџетот најдоцна до 25 јуни ќе се најде во собраниска процедура

ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Иницијативата поднесена од Апасиев за одржување на надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Клиниката за трауматологија за прв пат доби систем за навигација при лекување болести на ’рбетен столб