Утрински Весник
Македонија

Книжевна вечер „Македонија и Турција – Книжевни мостови“ во македонскиот КИЦ во Истанбул

20250528180715 big 730x400 37.webp.webp

Во рамки на 17. издание на реномираниот Istanbul International Literature Festival (ITEF), денеска во просториите на македонскиот Културно-информативен Центар во Истанбул ќе се одржи книжевна вечер насловена „Македонија и Турција – Книжевни мостови“, на која пред турската публика и издавачи ќе бидат претставени наградените книги и автори на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година.

Како што соопштија од КИЦ Истанбул, настанот претставува исклучително значаен чекор во афирмацијата и меѓународната промоција на македонската книжевност, а соработката со ITEF – еден од водечките фестивали за литература во регионот, отвора нови можности за поврзување со турското издаваштво и преведувачи, како и градење на културни мостови меѓу двете земји.


Делегацијата на Друштвото на писателите на Македонија ја сочинуваат добитниците на годинешните книжевни награди: Жарко Кујунџиски со збирката раскази „Приказничар“ (изд. „Антолог“) – добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело; Иван Антоновски со книгата за деца „Бакнежи на небото“ (изд. „Светулка“) – добитник на наградата „Ванчо Николески“; Наташа Аврамовска со книгата „Книжевни паметници“ (изд. Институт за македонска литература) – добитничка на наградата „Димитар Митрев“ за најдобро дело од областа на критиката и есеистиката; Гордана Јовиќ Стојковска со романот на српски јазик „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) – добитничка на наградата „Мост“, која се доделува за дела објавени на јазиците на заедниците во Македонија (изд. „Слово љубве“); А со свој литературен опус ќе се претстави и Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

– Настанот претставува значајна платформа за унапредување на меѓукултурната размена, за презентација на современите текови во македонската литература и за иницирање на идни преводи, соработки и издавачки проекти со турските партнери. „Книжевни мостови“ се организирани од македонскиот Културно-информативен Центар во Истанбул, како дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам, се наведува во соопштението од МКИЦ Истанбул.

Можете да прочитате

Видео: Сериозна несреќа во Битола – паднат кран, повреден работник

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше со литургија по повод 1700 години од Првиот вселенски собор

Министерството за култура објави Конкурс за учество на Република Македонија на 61. Венециско биенале (La Biennale di Venezia)